Ракот на дебелото црево е втора водечка причина за смрт од рак кај мажи и жени и трета најчеста дијагноза на рак. Најалармантно е тоа што во последно време се повеќе млади луѓе (пред 50-тата година од животот) се дијагностицирани. За жал оваа форма на канцер многу често е асимптоматска, па како суштинска алатка е дијагностицирањето и раното откривање.

Американското здружение за рак ги промени упатствата за скрининг во февруари оваа година, кои наложуваат дека совршено здрави лица кои немаат симптоми, немаат семејна историја, не се со висок ризик, треба да започнат со скрининг на 45 годишна возраст. За оние со фактори на ризик, кои вклучуваат воспалително заболување на дебелото црево, Кронова болест и улцеративен колитис, вашиот лекар веројатно ќе ви препорача веднаш да започнете со тестирање.

Друг клучен фактор на ризик е семејна историја на полипи на дебелото црево кои претставуваат мали, типично безопасни грутки на клетки кои можат да станат канцерогени и кои, ако се откријат рано, може да се отстранат пред тие да се претворат во тумори. Најголем проблем при одлучувањето е инвазивната, непријатна и за некого скапа процедура, колоноскопијата. Но во исто време овој процес на диајгностицирање е од особено значење поради фактот што докторите со овој скрининг можат да ги откријат полипите пред да станат канцерогени. Во некои земји се практикуваат тестови на измет кои исто така се битни при откривање на рак на дебелото црево, и се прават еднаш годишно.

Идентификацијата на симптомите како ректално крварење или крвава столица, болки во стомакот, замор, ненамерно слабеење, анемија, отежнато дишење при напор, пролонгирана дијареја или запек може да бидат важни индикатори. Добро е да се знае дека стапката на преживување (до пет години) доколку е во I фаза е 90 проценти. Типично фазите I и II би изискувале поедноставна постапка како на пример отстранување на канцерогената област. Фаза III значи дека ракот се проширил на регионалните лимфни јазлии во тој случај најверојатно ќе бидат потребни хемотерапија или радиотерапија. Ракот на дебелото црево во фаза IV, има стапка на петгодишно преживување од 14 проценти. Според докторите ова е битно да се споменува со цел да се едуцираат луѓето за важноста на раното дијагностицирање и скринингот.