Социјалната мрежа Facebook сподели детали за глобалниот прекин. На 4 октомври, Facebook, заедно со Instagram и WhatsApp, привремено згаснаа ширум светот, одбележувајќи го најголемиот прекин на платформата од 2008 година. Шест часа подоцна првите корисници открија дека добиле можност повторно да го користат Instagram.

Сега, технолошкиот гигант сподели неколку информации околу падот на мрежата преку пост на својот блог. „Нашите инженерски тимови дознаа дека конфигурациските промени на клучните рутери кои го координираат сообраќајот на мрежите меѓу нашите дата центри предизвикаа проблеми кои направија прекин во комуникацијата. Овој прекин во мрежниот сообраќај имаше каскаден ефект на начинот на кој нашите дата центри комуницираат, стопирајќи ги нашите услуги“.

Во суштина, исклучувањето беше предизвикано од команда издадена од внатрешната мрежа за време на рутинското одржување. И покрај гласините што започнаа да кружат по интернет, платформата не била пробиена.

„Сакаме да разјасниме дека не постои злонамерна активност зад овој прекин – основната причина за тоа беше погрешната промена на конфигурацијата од наша страна. Исто така, немаме докази дека податоците на корисниците биле компромитирани како резултат на овој прекин“, стои во објавата.

Facebook, Instagram и WhatsApp услугите оттогаш беа вратени и компанијата вели дека работи за продолжување на редовното работење.

Од друга страна, првиот човек на Facebook наводно загубил 6 милијарди долари во понеделникот, според Billionaire Index на Bloomberg. Според Bloomberg, акциите на компанијата паднале за 5 проценти во понеделникот по масовниот колапс, намалувајќи ја вредноста на Цукербер на 121,6 милијарди долари. Според индексот, ова го постави Цукерберг под Бил Гејтс, Беро Арно, Џеф Безос и Елон Маск.