Мистериозниот бренд „Nothing“ чие име лебди низ технолошката сфера од јануари и која ги активираше глобалните технолошки тајкуни, на прв поглед не сугерира на ништо, но ако погледнете во поставата на инвеститори, би претпоставиле дека станува збор за нешто големо.

Но „кој“ или „што“ е „Nothing“? Компанијата која се опишува како „лондонска компанија за потрошувачка технологија“, позади која стои ко-основачот на OnePlus, Карл Пеи, делува многу интригантно бидејќи листата на инвеститори ја сочинуваат ни помалку ни повеќе многу познати луѓе од оваа сфера. Стив Хафман, извршен директор и ко-основач на Reddit, Кевин Лин ко-основач на Twitch, Џош Бакли основач на Product Hunt… и уште неколку имиња и компании.

Но интересното е дека тука може да инвестирате и вие. На 16-ти февруари, Карл Пеи објави дека компанијата сака технолошката заедница да биде дел од нивниот раст и да гради производи со нив, па изјави дека акции во вредност од 1,5 милиони американски долари ќе бидат отворени за купување. Освен поседување на капитал, потенцијалните акционери ќе имаат право на некои ексклузивни поволности, кои ќе бидат објавени подоцна и ќе добијат пристап до приватниот форум на компанијата.

Ок, свативме дека парите инвестирани во оваа компанија се многу, но кој е производот? Одговорот на ова прашање се држи во тајност. Тие изјавија дека „паметните уреди“ ќе бидат во фокусот на нивниот бизнис. Но како што нивното име, „Nothing“, не открива ништо така и ние немаме јасна слика за тоа што ќе се продава и произведува во оваа компанија. Но има нешто интересно што оставивме за крај. Всушност „Nothing“ го има купено брендот Essential на Енди Рубин, креаторот на Android. Всушност во 2018 година на Енди Рубин му беа исплатени 90 милиони долари да го напушти Google поради обвинувања. Да не заборавиме и дека Essential ги затвори вратите поради лошите перформанси во продажбата на единствениот телефон кој го лансираше. Не ни останува ништо друго освен да го чекаме исходот од оваа приказна.