Сите големи спортски натпреварувања, па така и Олимпијадата во Токио, која требаше да се одржи во 2020 година, беше одложена за 2021 поради се уште актуелната пандемија на коронавирусот. Но, неизвесноста се уште трае. Многумина сметаат дека најголемиот спортски настан на светот треба повторно да биде одложен, додека други сакаат тој да се одржи без оглед на се. Не е познато ни дали ќе има публика за време на спортските натпреварувања, но тоа се чини како најмал проблем во овој момент.

Најголемата грижа е тоа што луѓето не сакаат ОИ во Токио да се одржат. Имено, според Associated Press, две телефонски анкети откриваат дека луѓето во Јапонија сметаат дека Олимписките игри треба да бидат откажани или повторно одложени, или пак сметаат дека Игрите нема да се одржат.

Оваа анкета е направена од страна на Kyodo, јапонска информативна агенција, заедно со Tokyo Broadcasting System (TBS), а и двете забележале раст на сомнежите околу статусот на ОИ. Анкетите на Kyodo откриваат дека 81 проценти од испитаниците сметаат дека Игрите треба да бидат одложени или откажани, во споредба со 63 проценти во декември. 81 процент од испитаниците на TBS одговориле со „Не“ на прашањето дали Олимпијадата треба да се одржи, што е раст од 18 проценти во споредба со сличната анкета во декември.

Ова мислење порасна откако Јапонија се соочи со раст на Ковид-19 слчаи, по што премиерот Јошихиде Суга прогласи вонредна состојба. Но, Интернационалниот олимписки комитет е решен да ги одржи Игрите и без разлика на пандемијата.

Потпретседателот на Комитетот, Џон Коутс, се соочи со критики откако изјави дека Олимпијадата ќе се одржи „со или без Ковид“ на 23 јули. „Ова ќе бидат Игри кои ќе го победат коронавирусот, светло на крајот од тунелот“, додаде тој.

Подготовките продолжуваат без оглед на се

Олимпијадата ќе го направи Токио дестинација за 15.000 спортисти и десетици илјади тренери, новинари, па дури можеби и фанови. Дури и ригорозните мерки за превенција се чинат како недоволни за да се спречи потенцијален огромен извор на зараза.

Но, решителноста кај организаторите е конечна. Kyoda News организираше семинар каде претседателот на Олимпискиот комитет, Јошидо Мори, потврди дека одложување на настанот не е опција, со оглед на тоа дека голем број на официјални лица кои одиграле клучна улога во подготовките за Игрите се „позајмени“ од други организации, вклучително и дел од локалната власт на Токио. Тој додаде и дека допрва треба да одредат дали на странските навивачи ќе им биде дозволено да присуствуваат за време на Олимпијадата и Параолимпијадата. Ситуацијата останува неизвесна и зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата во следните месеци.

Во моментов, дел од фановите очекуваат ОИ во Токио да се одржат според планираното, во јули, а Параолимпијадата да се одржи во август. Иако Комитетот продолжува да ја притиска јавноста за своите стриктни пандемиски мерки, Јапонците во моментов не се доволно убедени. Мори своето излагање го заврши со изјавата „да се има и најмало чувство на несигурност, влијае на целата ситуација“. Тој побара поддршка од јапонската јавност. „Се што можам да кажам е дека ќе продолжиме со нашите подготовки. По долгата ноќ секогаш доаѓа утро. Да работиме заедно за да го надминеме овој огромен предизвик.

Олимписките игри во Токио треба да бидат отворени на 23 јули, а Параолимписките игри на 24 август.