Во неделата пред полноќ фудбалскиот свет се соочи со земјотрес од епски размери. Причина за тоа е најавата на 12-те најмоќни клубови на планетата да објават дека се „отцепуваат“ од УЕФА и ФИФА и работите ги земаат во свои раце, односно заминуваат од најелитното клупско фудбалско натпреварување на светот Лигата на шампионите, со цел да основаат нова елита, затворено натпреварување наменето исклучиво за најпрестижните, најмоќните и најбогатите клубови на Стариот континент, под името Европска Суперлига.

Англиските Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Челзи, Ливерпул, Арсенал и Тотенхем, заедно со Интер, Милан, Атлетико Мадрид, Барселона и лидерите Јувентус и Реал Мадрид испратија соопштение истакнувајќи дека ја формираат Европската Суперлига, новото континентално натпреварување кое ќе донесе стотици милиони, па дури и милијарди за овие клубови. Овие 12 клубови истакнаа дека заедно со уште три клуба, ќе ја формираат бројката од 15 основачи на натпреварувањето кои ќе ги имаат најголемите придобивки, а ќе можат да им се приклучуваат уште пет клубови секоја сезона, но со специјална покана. Сето ова наиде на „ураган“ од критики, пред се очекувано од УЕФА и ФИФА, но и навивачите, поранешните и сегашни фудбалери и тренери, медиумите, па дури и телевизиите и фудбалските судии.

Желба за заработка, скриена зад „реформи

За работите да бидат појасни, Европската Суперлига, според плановите, требаше да функционира како еден вид затворено фудбалско натпреварување, спротивно на постулатите на европскиот спорт и пред се фудбал. Во натпреварувањето требаше да учествуваат 20 екипи, од кои 15-те основачи нема никогаш да можат да испаднат од него, притоа добивајќи огромни пари, а за самото учество уште во првата сезона требаше да добијат по 350 милиони евра, а за победникот на натпреварувањето следуваа уште 400 милиони евра.

Од друга страна, најелитното фудбалско натпреварување на светот, Лигата на шампионите, функционира по системот на заслуга, односно 32 клубови кои преку своите национални првенства заслужуваат да се најдат на овој турнир. Ова натпреварување, кое е под капата на УЕФА, изминатите години често доживуваше промени, а фановите се почесто се жалеа дека ЛШ станува се поблагонаклонета кон богатите, со што тие стануваа уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Но, сепак, и најмалите имаат шанса да играат со најголемите, а доказ за тоа во изминатите години се Црвена Звезда, Динамо Загреб, Ференцварош, Легија Варшава, АПОЕЛ и ред други клубови, кои имаа можност да играат против Реал Мадрид, Барселона, Јувентус, Манчестер Јунајтед и така натаму.

Пандемијата го забрза процесот

УЕФА се соочуваше со силни критики, која пак мораше да балансира и да им излезе во пресрет на богатите, кои прават притисок за реформи веќе подолг период, а планот за Европската Суперлига постои повеќе години. Најбогатите клубови ја користеа како предмет за поткусурување за извлекување на уште поголема корист.

Со пандемијата на коронавирусот, стадионите на клубовите се испразнија, фан шоповите се затворени, а клупските музеи кои се атракција за фановите ширум светот се под катанец, па приходите на најголемите клубови драстично се намалија. Од таа причина, но под образложение дека се борат за спас на фудбалот, неколкумина моќници одлучија да се отцепат и да си формираат свое натпреварување без малите клубови.

Тие сметаат и јавно истакнаа дека сиромашните клубови носат само штета, дека не сакаат да играат со нив затоа што не се атрактивни и заработуваат на сметка на големите, но впрочем токму на тоа се темели европскиот фудбал – на заслугите и солидарноста. Целиот европски фудбал е поставен на една совршено избалансирана пирамида, во која има пари за секого, но според заслугите. Точно е тоа дека на грбот на големите живеат и малите, а со нивното отцепување, огромен број на клубови ќе останеа без приходи и ќе беа приморани на згаснување.

Неисплатлив ризик

Затоа звучи парадоксално и смешно оправдувањето на „12-те Одметници“, односно Андреа Ањели и Флорентино Перез, претседателите на Јувентус и Реал Мадрид кои се главни заговорници на оваа идеја, дека ова го прават за спас на фудбалот. Според нив, младите луѓе на возраст од 16 до 24 години денес дури 40 проценти не ги интересира фудбалот.

Тие сметаат дека на нив не им е интересно да го гледаат Реал Мадрид против Црвена Звезда, или Јувентус против Динамо Загреб, туку сакаат натпреварување каде секој викенд ќе има дерби, а со тоа ќе има повеќе пари, од кои мал дел ќе им бидат испраќани на помалите клубови. Но, ако секој викенд гледаме дерби натпревари, зарем нема да ни здосади?! Дербито е дерби и привлекува огромно внимание, токму поради тоа што не се игра секој викенд, туку се чека по неколку месеци, па и години за да се соочат Ливерпул и Реал Мадрид, или Барселона и Челзи чии неколку пресметки во изминатата деценија во Лигата на шампионите прераснаа во европски класик.

„Спас на фудбалот“

Покрај сето ова, се губи и натпреварувачката смисла. Едноставно, 12-те најбогати клубови нема да имаат императив да се натпреваруваат во домашните првенства, кои се столбот на фудбалот во Европа, бидејќи нивното место во елитата ќе биде загарантирано. Освен тоа, ќе имаат неколку пати поголем прилив на пари, кои останатите „смртници“ никогаш нема да можат да ги добијат, со што конкурентноста ќе исчезне.

Со текот на времето и во самата Суперлига ќе исчезне натпреварувачкиот елемент, бидејќи клубовите имаат загарантирано место, па нема да мораат да се борат за опстанок. Едноставно, натпреварите ќе се сведат на пријателски мечеви и претстава за Американците и Кинезите, на кои целат овие луѓе, на сметка на Европејците кои знаат да ги ценат традиционалните вредности во спортот. Едноставно ризикот кој се прави за да се обидат да дојдат до нови навивачи, свесно ризикувајќи да ги загубат постоечките, е навистина банален.

И самите тие очекуваа дека оваа нивна одлука ќе наиде на реакции, но не очекуваа толку силен отпор. Како никогаш досега, УЕФА, ФИФА, фановите, медиумите, па дури и политичарите се кренаа заедно и обединето во спас на најсветото нешто на Стариот континент и обидот да го „украдат“ неколкумина моќници.

Цела Европа против неколкумина моќници

Во битката се вклучија британскиот премиер Борис Џонсон кој најави жестоки реперкусии за „Големата Шестка“ на англискиот фудбал доколку одлучат да продолжат со проектот наречен Суперлига. Едноставно, Англичаните премногу ја ценат својата Премиер лига и нема да дозволат конкурентноста да се загуби. Џонсон се закани и со законски решенија ако не отстапат од своите планови, а со реакција се јави и Емануел Макрон, иако Французите, пред се ултра богатиот ПСЖ одби да учествува во овој проект, исто како и Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, гиганти на светскиот фудбал.

Но, и покрај сето ова, Флорентино Перез и Андреа Ањели не сакаа да отстапат од своите намери, па дури и во своите изјави стануваа уште поарогантни, најавувајќи дека на најавените суспензии за нивните играчи да не можат да играат за репрезентациите, дека ќе формираат и свое Европско и Светско првенство за национални тимови ако треба.

Суперлига

Во своите излагање ги обвинија ФИФА и УЕФА за монопол, истакнувајќи дека нерамномерно ги делат парите и дека огромен дел од финансиите ги задржуваат за себе. Но, исто така, 12-те големи со своите изјави потврдија и зошто всушност го прават сето ова. Одговорот е – парите! Не кријат дека пандемијата им нанесе огромни загуби, дека имаат огромни долгови, а УЕФА не прави ништо околу тоа. Со Европската Суперлига, велат тие, ќе има многу повеќе пари, а откако видоа дека најголемите критики од јавноста се однесуваат токму на немањето солидарност во овие најтешки времиња, тие истакнаа дека ако големите имаат повеќе пари, ќе има и за малите. Како и зошто, остана нејасно.

Навивачите го спасија фудбалот

Овие приказни не поминаа кај навивачите, особено на Островот. Официјалниот навивачки клуб на Ливерпул, кој е задолжен за постерите и знамињата поставени на стадионот „Енфилд Роуд“, експресно реагираа и ги отстранија сите симболи, закачувајќи транспаренти со пораките „Создаден од сиромашните, украден од богатите“, „Почивај во мир, фудбалу“, „Не, за Суперлига“ и така натаму. На натпреварот меѓу Лидс и Ливерпул, домашните фудбалери пред натпреварот излегоа со маички на кои го имаше логото на Лигата на шампионите и под него напишано „Заслужете го“, а на задната страна пишуваше „Фудбалот припаѓа на навивачите“.

Фановите на Челзи демонстрираа пред нивниот стадион, не дозволувајќи автобусот со играчите на клубот да влезе во комплексот. По ова, се јавија со критики и поранешните фудбалери и тренери, а кратко потоа и актуелните. Пеп Гвардиола, тренерот на Манчестер Сити истакна дека фудбалот и спортот ја губат својата смисла без натпреварувачки карактер, а фудбалерите на Ливерпул со заедничка порака излегоа и истакнаа дека се против Суперлигата и дека секогаш се на страната на навивачите.

Англичаните направија нов „Brexit“

Со ова беше одбележан почетокот на крајот. Во 48 часа се случија еден куп заплети и пресврти, а крајот на Суперлигата беше најавен откако Манчестер Сити прв се повлече. По него следуваше Челзи, за до крајот на вчерашниот ден сите шест англиски клубови да се повлечат од проектот. А без Англичаните, ништо повеќе не би било исто. Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, кој го наследи овој проект од својот претходник Жозеп Бартомеу, истакна дека клубот нема да учествува во оваа Суперлига без навивачите да го кажат својот глас, бидејќи клубот им припаѓа ним. Во текот на денешниот ден официјално се повлече и Атлетико Мадрид, за по него да следува и италијански Интер.

Сонот за елитно затворено натпреварување меѓу богатите згасна уште пред да заживее. Едноставно никој не очекуваше ваква жестока реакција. Но, јасно е од каде доаѓа револтот. И двете страни имаат свои аргументи, но Европската Суперлига, на ваков начин и во овој момент не смееше да се случи.

 

Бесрамни двојни игри

Уште поиритантно звучи фактот дека еден од главните идеолози на ова натпреварување е Андреа Ањели, човекот кој е претседател на Јувентус, но и на Европската асоцијација на клубови каде членуваат 249 тимови. Тој во неколку наврати ја користеше Суперлигата (се уште неоформена) како монета за поткусурување и начин да ги оствари своите замисли преку УЕФА. Кога УЕФА самата во изминатите неколку години правеше реформи во Лигата на шампионите за да им удоволи на богатите, тогаш Ањели постојано истакнуваше дека нема потреба од Суперлига и дека Лигата на шампионите, со своите реформи, ќе ги задоволи барањата на клубовите. Откако УЕФА ја најави и најновата радикална реформа во ЛШ, Ањели истакна дека тој се грижи за европските клубови, а и лично му порачал на првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин, дека е задоволен од промените. 24 часа подоцна, му го сврте грбот и ја формираше Европската Суперлига.

Најфрапантно од се звучи фактот што овие 12 клубови кои одлучија да се отцепат, имаат вкупен долг од 8,5 милијарди евра и мораат да најдат начин како да ги вратат. За да ја сокријат својата неспособност, одлучија да газат врз сите вредности и постулати, па и помалите клубови. Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид беа подготвени да се отцепат, знаејќи дека шпанското фудбалско првенство ќе загуби 2 милијарди евра ако ја истуркаат својата идеја за Суперлигата, а притоа без работа ќе останат 60.000 луѓе.

Огромни долгови

Подготвени беа да одат до крајни граници за да ја сокријат својата неспособност да ги менаџираат клубовите на здрав начин. Трошат по стотици милиони евра за играчи, чии плати драстично се зголемија изминатите неколку години. Само минатата година, Барселона за играчите од првиот тим (вкупно 23) потроши над половина милијарда евра, а исто толку пари потроши и за да купи тројца играчи кои не ги оправдаа вложените средства. Притоа, клубот е задолжен за изградба на нов стадион, а проектот не е ни започнат.

Јувентус, пак, има преку 60 играчи со професионален договор, Милан има долгови од кои клубот не може да се опорави, а од неодамна е во сопственост на „Елиот Фонд“ бидејќи не можеше да ги сервисира своите позајмици. Интер, од друга страна, има еден куп поранешни тренери кои ги има на својот платен список и на кои се уште им исплаќа плата, иако не работат. Реал Мадрид во своите редови има играчи кои не играат, а ги плаќаат со астрономски износи. И потоа малите клубови им се виновни.

На крајот, пак ќе го добијат тоа што го сакаат

Токму затоа не зачудува фактот што буквално сите одлучија да ги критикуваат. „Помалите“ клубови од Италија, Шпанија и Англија, поддржани од националните федерации жестоко ги нападнаа „поголемите“. На крајот, сите им го свртеа грбот, па немаа каде да одат и мораа да го суспендираат планот за новото натпреварување.

Далеку од тоа дека УЕФА е чесна. За сето ова е и самата виновна, бидејќи толку често им излегуваше во пресрет на најголемите, исклучиво за и самата да заработи. Направи систем во кој бирократите можат да седат и да си заработуваат за удобен живот, без многу работа и било каков ризик. И повторно ќе биде така. Веќе најавија дека инвестицискиот фонд Centricus ќе влезе со инвестиција од 6.000.000.000 евра. Најголем дел од овие средства, секако, ќе им припаднат на најголемите, а УЕФА уште некое време ќе ги држи под свое. На крајот се ќе заврши на тој начин што поголемите ќе „лапнат“ уште некое милионче и ќе замолчат. Барем на некое време. Но ако ништо друго, тие моќници сфатија дека не се секогаш најважни. Барем не во фудбалот.