Кралот се пресели во Лос Анџелес. Шоуто се враќа во Холивуд

На средината на месец октомври, стартува новата НБА сезона. Овој пат, ја пречекуваме со малку поинаков тип на возбуда. По неколку „анемични“ сезони, ЛА Лејкерс се повторно со шампионски амбиции. Причината е едноставна: Кралот Џејмс се пресели во Холивуд!

Преминувањето на Леброн Џејмс во Лејкерс претставува прво поголемо тектонско поместување на силите во НБА во последните неколку години. „Кралот“ по втор пат го напушта Кливленд, но овој пат фановите се многу повеќе подготвени да му го простат заминувањето, бидејќи го исполни ветувањето кога прв пат замина: се врати и ја донесе шампионската титула во Кливленд.

Селидбата на Џејмс претставува е огромна токму поради големината на Лејкерси (база на фанови, локација, историја) и големината на самиот Леброн. По ерата на Шекил О’Нил и Коби Брајант, доаѓањето на Леброн во Лос Анџелес има романтичен призвук. Иако многумина беа шокирани, најблискиот круг на пријатели и соработници, па и самиот Леброн потврдија дека ова е остварување на дамнешната желба на „кралот“.

Иако при ставањето на својот потпис на мулти-милионскиот договор Леброн беше внимателен со најавата и со очекувањата, јасно е што е она кое фановите на Лејкерси го очекуваат од несомнено најдобриот кошаркар на планетата во моментов: шампионски прстен. Со перформансите изминатата сезона, Џејмс докажа дека сѐ уште е неприкосновено најкомплетниот кошаркар на планетата, но дали само неговото магично фузирање со Лејкерси ќе биде доволно за да се врати на шампионскиот трон, останува да видиме.