Стилот базиран на изработка на облека по мерка повторно e во фокусот откако Giorgio Armani со „Made to Measure“ кампањата ја открива својата колекција за пролет/лето 2020. Италијанскиот моден бренд го избра Шарл Леклер како заштитно лице за оваа кампања. Formula 1 возачот од редовите на Scuderia Ferrari е главниот лик во фотосесијата на Џон Балсом која се одржа во Сен Тропе на Азурниот брег.

Од Giorgio Armani го образложија изборот на Шарл Леклер како заштитно лице за оваа кампања со зборовите: „Шарл е млад тркач кој пред себе има ветувачка кариера. Тој достигна навистина големи успеси кои се за восхит и покрај неговите години, а ова е индикација за неговата желба, волја и одлученост, како и очигледниот талент кој го поседува“.

Познатиот дизајнер Џорџо Армани додава дека „Леклер претставува свежо лице и има енергична физичка присутност што одлично се совпаѓа и ја прифаќа мојата Made to Measure колекција. Made to Measure костимите се безвременски, како што е прикажано и на овие фотографии“.

„Навистина сум среќен да објаван дека сега сум бренд амбасадор на Giorgio Armani и неговата Made to Measure колекција. Модата, заедно со музиката и мотоспортот секогаш биле моите пасии, а да претставувам еден таков иконски бренд претставува огромна чест“, објави младиот возач на својот Инстаграм профил.

Giorgio Armani колекцијата Made to Measure оригинално беше лансирана во 2006 година, а достапна е во продавниците ширум светот, подготвена да внесе луксузно искуство кај мажите во оној момент кога животот ќе се врати во нормала.