9-от по ред албум „IX9“ на џез формацијата „Sethstat“ ќе ја има својата промоција на 15-ти Март,во ноќниот клуб Станица 26, со почеток во 21 часот. Организатори на промоцијата се PMGJazz и 3Гонга. Зад овој албум на „Sethstat“ стои дискографската куќа PMGJazz. Овој албум е 4-то издание на PMGJazz како лејбл.
Во џез формацијата „Sethstat“, кои се своевидни титани на современата македонската џез музика членуваат: Владан Дробицки – тромбон, Павел Дробицки -бас, Панче Бујуклиев -клавијатури, Гоце Наумов – тапани и Васко Бојаџиски – саксофон. „IX9“ е досега нивниот најкомплетен и најзрел албум.
Обмислена, студиозно компонирана, аранжирана и виртуозно отсвирена музика. Од болно убави музички парчиња до длабоко екпериментални импровизации. Од фуриозни панк-фанк бркотници, до грациозни емоционални мигови.
„До последен момент не знаевме како ќе звучи албумот. До овие песни дојдовме низ макотрпен процес на селекција. Снимивме точно 9 саати музика, која потоа детално ја преслушувавме и анализиравме, како би можеле да продолжиме со процесот. На избраните парчиња потоа уште 2 месеци доработувавме. Оваа музика е сублимат на многу наши истражувања и експериментирања. Некако си ги избрусивме вкусовите, афинитетите и се трудевме да бидеме концизни во музичката мисла. Аранжмански погледнато, звукот го проширивме во вертикала“, вели Дробицки.
„Sethstat“ е еден од најискусните, најквалитетите и како изведувачи, еден од најподготвените бендови во земјава. Речиси 30 годишното постоење и активно музицирање на сцената ги донесе на ниво на музичари, кои внимателно се следат и од музички, но и од технички аспект.
На концерт – промоцијата за нивниот 9ти албум, публиката може да очекува прецизна, фуриозна и елегантна свирка, која едноставно никого не може да го остави рамнодушен. Атак на сите сетила, во час и половина колку ќе трае настапот и тоа од група музичари, кои уживаат во сопствената зрелост.