„Се почесто имам клиенти од машката популација, што ме радува многу, кои сакаат своите девојки, сопруги, пријателки да ги изненадат со букет цвеќе, балон или декорации на своите работни места без повод, туку со порака за убав ден или убав почеток на работната недела!”
Таа ја има најубавата работа на светот – ги обликува најсреќните и најсвечените мигови во човековиот живот. Елена Крстевска ќе го наметне трендот на комплетна организација и дизајн на свечени настани( свадби, родендени, годишнини, прослави) и ќе ја искреира потребата за подарување со достава на адреса. Нешта кои го разубавуват животот и создаваат мигови за паметење. Нешта кои ја обликуваат личната среќа и нејзиниот живот.
ММАГАЗИН: Како започна Вашата романса со цвеќето?
Започнав со работа точно пред петнаесет години, овој месец славиме роденден. Најпрво започнав со изработка на аксесоари за свадби поттикната од моја блиска другарка, а малку подоцна откога посетив обуки за аранжирање на свежо цвеќе во повеќе европски земји, започнав и со аранжирање на цвеќе само за свадби, родендени, деловни настани.
Сè до пред 3,5 години кога нашата приказна се прошири со Fancy Flower Boutique каде секојдневно се аранжираат романтични аранжмани, букети, балони, подароци. Морам да напоменам дека сме многу тренди нација која постојано ги следи сите светски трендови и постојано се трудиме да бидеме во чекор со нив. Посетуваме саеми во Холандија каде што се одржува најголемиот светски саем за цвеќе и сите најпознати производители од цел свет се дел од него.
Во склоп со самиот саем има натпревари за цвеќе и обуки за аранжирање, од кои се учат многу необични креации. Други саеми имаме посетено во неколку градови во Германија, Белгија, …а два пати бевме поканети и на грчкиот национален саем за свадби и кршевки кој се одржува во Атина.
Запознавме многу колеги кои работат по грчките острови и има многу работи кои може да се научат и од нив. Испирирани од сите саеми постојано нудиме необични, нови и „фенси“ креации на нашите клиенти.
ММАГАЗИН: Колку непредвидливата професионална насока суштински ви го смени животот?
Па можам да кажам целосно. Започнав со средно медицинско училиште, по завршувањето се насочив кон факултет за предучилишно воспитување, а само по една година започнав да работам како организатор на свечености и флорист.
Работата како организатор на настани е многу захтевна, бара многу посветеност и време. Можеби изгледа едноставно, лесно, но во позадина има многу стресови, напорна работа и пред сè одговорност.
Свадбата е единствен ден, па затоа мора да е сè беспрекорно. Нашите свадби се работат исклучиво со природно цвекје и тоа е најодговорниот дел бидејки треба да се умее да се одржи цвеќето свежо и убаво аранжирано за да биде совршена секоја свадба.
Подготовите се прават неколку месеци однапред за секоја свадба и постојано излегуваат непредвидливи работи кои се трудиме успешно да ги решиме. Исто така има многу промени, од кога се прошириривме со Fancy Flower Boutique, повеќе одговорност, повеќе клиенти, повеќе работа, но помалку време за себе и за мојата фамилија. Нашето мото е „Ние ги дизајнираме вашите спомени!“
ММАГАЗИН: Креативната мануелна работа, освен вештина изискува и многу трпение. Тоа е ваша лична карактерна особина или е стекната преку работата?
Воопшто не сум трпелива туку спротивно од тоа сум многу темпераментна, непредвидлива, динамична. Но, кога се работи за клиенти и подготовка на настан, бидејки секој настан ми е нов предизвик, сум многу трпелива. Искрено тоа го научив низ годините. Ги сослушувам клиентите со големо внимание за да добијам поголема испирација за поуспешна реализација.
Секој голем настан бара многу време за да се осмисли убаво, да се даде понуда па од кога ќе ги финализираме сите детали започнуваме со подговотвки. За среќа имам многу добри клиенти кои имаат потполна доверба во мене и мојот тим па многу често се случува да препуштат на нас и нашата креативност да ја организираме и декорираме прославата. Сето тоа многу добро влијае на самодовербата и мотивацијата.
ММАГАЗИН: Порано го гледавме тоа само во филмовите, сега да се изненади некој на врата со цвеќе (но и други салтанати) е реалност и кај нас… Се актуелизира ли овој тренд и меѓу нас со доволен интерес? Кои се најбројните клиенти?
Во последно време е многу „фенси“ да се подаруваат различни аражмани кои имавме можност да ги гледаме претходно само по странските сајтови. Сè почесто имам клиенти од машката популација, што ме радува многу, кои сакаат своите девојки, сопруги, пријателки да ги изненадат со букет цвеќе, балон или декорации на своите работни места без повод, туку со порака за убав ден или убав почеток на работната недела.
Нивните желби се изискувачки, необични, предизвикувачки за изработка. Најактуелни се џиновските букети кои се големи скоро колку самите девојки и кутиите срциња изработени со најразлични додатоци како чоколадца, шампањ, вино, плишани мечиња…
ММАГАЗИН: Дали бевте клиент на сопствената свадба и колку бевте задоволни од услугата?
За сопствената свадба бев самата организатор и се подготвував скоро една година. Оваа година славиме десет години брак. Имав испалнирано потполно сè, околу декорациите, цветните аранжмани, бонбони за пред секој гостин со пораки, бидермаер.., а венчаницата ја одбрав од прво видување.
Повеќе наликуваше на фустан во шампањ боја изработен од сурова свила. Сè до предпоследен ден бев организатор, а на самиот ден бев само невеста.
ММАГАЗИН: Си ја носите ли работата дома? Полни ли ви се постојано вазните со цвеќе во домот?
Да, скоро секој ден и насекаде. Во домот, на одмор, на пат… Многу ретко успевам да се исклучам, а тоа е кога немам пристап до интернет.
Во домот имам саксиско цвекје кое воедно е и прочистувач на воздух, а многу им се радувам на саксиските орхидеи и нив најмногу ги негувам. Многу ретко имам вазни полни со цвеќе, не дека не сакам но, повеќе сакам кога креирам различни креации од нив.
ММАГАЗИН: Ако вообичаено луѓето слободните мигови сакаат да ги потрошат во природа како одмор од урбаното, колку вам природата ви е ескепизам?
Сакам многу природа, сакам нови и убави места да ги истражуваме со сопругот и децата. Предизвик ми се нови дестинации. Сакам многу да се дружам со пријателите, сакам снег, сакам море… Сакам секој момент да сум надвор од секојдневието, но жал многу малку ми останува време за сите мои желби.
Сè поголемиот обем на работа ми го краде ова задоволство. Тука се и обврските околу децата. Двете ќерки се веќе ученички и имаат ангажмани надвор од училиштето. Поголемата ќерка Јана оди на пијано, а помалата Ања на хип хоп, па мора да се организира времето и според нивните потреби.
ММАГАЗИН: Флоралното е секогаш во мода. Колку тоа се наоѓа на вашата облека, во вашите парфеми, на употребните предмети?
Имам многу малку парчиња гардероба со цветен дезен. Ми се допаѓаат многу но секогаш кога бирам помеѓу нешто шарено цветно или еднобојно и посмирено се одлучувам за посмиреното. Убаво ми изгледа кога ќе видам девојки во такви дезени, но јас не се пронаоѓам секогаш во нив.
Сакам лесни парфеми, а на дел од предметите што ги носам како додаток се забележуваат цветните дезени иако мислам дека тоа е случајно.
ММАГАЗИН: Што е извор на Вашата среќа?
Моите две ќерки, мојот сопруг, фамилијата. Моите задоволни клиенти, пораките кои многу често ми пристигнуваат во „инбокс“, моите нови креации, мојот салон Fancy Marriage & Flower boutique.
Извор на среќа понекогаш ми е сонцето, природата, кафето испиено со блиска пријателка,… сè што ме опкружува. Се радувам на моите најблиски што ми се сите живи и здрави… Понекогаш многу мали нешта можат да ме направат многу среќна.
ММАГАЗИН: На што сакате да ги потрошите миговите кои се само Ваши?
Филџан добро кафе, последнава година на вежбање, подготвување и истражување на нови healthy рецепти и шопинг.
И се чувствувам супер, полна со енергија и полека го менувам начинот на исхрана. Секое утро го започнувам со шоља кафе сама во тишина, тоа е единствениот период од денот кога сум сама и тогаш најчесто барам нови идеи и креации.
ММАГАЗИН: Колку Вашите желби ги поткрепувате со планови?
Доколку се работи за некоја поголема желба секако мора да се направи добар план за да може да се оствари, но понекогаш сум како децата, посакувам многу работи без да размислам како до нивно остварување па најчесто ми ги остварува сопругот, тој е задолжен за дел од нив.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.