Русокосата Алекс Хирши ги освојува социјалните мрежи со својата неверојатна пасија кон брзите автомобили.
Веројатно не знаете за кого станува збор кога ќе се спомене името Алекс Хирши, но љубителите на брзи автомобили и социјални мрежи, несомнено налетале на Supercar Blondie. Девојката е Австралијанка, која моментално живее и работи во Дубаи и на социјалните мрежи како Instagram, YouTube и Facebook има повеќе од 14 милиони следбеници.
Свесни сме што ќе си помислите: Русокосата има голем број следбеници. Ништо ново! Точно, но она што е карактеристично за оваа девојка е нејзиниот ентузијазам за брзина. Како професионален новинар, Алекс ја започнала својата кариера наоѓајќи работа како радио водител во Дубаи. Набргу, ја открила предноста на својата работа. Tоа е можноста да тестира и пишува рецензии за некои од најбрзите и бесните возила во светот. Со тоа, ја искористила и можноста да ги пласира своите искуства на социјалните мрежи.
Многу набргу, брендови како Bentley, McLaren ја побарале за соработка. Хирши потполно им се посветила на автомобилите, правејќи ги своите видеа попрофесионални, рецензиите подетални. Видеата ги снимала со помош на својот сопруг, а автомобилите ѝ станале втора работа која изискува целосно внимание. Па кога бројот на следбеници станал 60.000, се посветила целосно на брзото возење. За две години и 6 месеци го искачила бројот на 14 милиони, а остварила соработки со имиња како Ferrari, Lamborghini и Bugatti.
Автомобил од соништата
„Кога ќе размислам подобро, многумина од нас обожуваат автомобили, но не сите сакаме да ги знаеме деталите за тоа како точно тие работат. Сакаме да видиме колку е добар автомобилот, како звучи и кои опции и функции ги има. Преку својата работа, јас им пристапувам на 99% од луѓето, а не на тој 1% автомобилски експерти.“ вели русокосата Supercar Blondie
Нејзината стратегија се чини успешна, бидејќи денес е горд сопственик на својот автомобил од соништата, Lamborghini Huracán по име Луси.