Во изложбениот простор на Даут пашин амам, поставена е ретроспективно-монографската изложба на скулпторот Драган Попоски – Дада, која за публиката беше отворена на 25 октомври. Изложбата ја подготви НУ Национална галерија, а е организирана во рамките на одбележувањето на јубилејот посветен на 70 годишнината од основањето на оваа институција. Куратори на проектот беа Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова.
Драган Попоски – Дада е доајен на македонската современа скулптура, кој даде силен белег и остави неизбришливи траги во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност.
Изложбата претставува одбележување на повеќедецениското творештво, кое се издвојува со својот каракатеристичен авторски белег на овој еминентен скулптор. На изложбата се презентирани дела (скулптури и цртежи) од сите фази од неговото творештво, кое започнува далечната 1964 год. Оваа ретроспективна изложба претставува своевиден пресек на неговото творештво, укажувајќи на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност. Изложбата ќе биде отворена до 24.11.2018 година.