Една од најдобрите работи за симулациските тркања е тоа што им дава можност на луѓето да пристапат до возбудувањата на трките кои се релативно достапни. Но, за оние кои сакаат да имаат симулатор кој нуди повеќе стил и елеганција, а притоа имаат вишок пари, тука е Pininfarina.

Pininfarina Leggenda eClassic Simulator е дизајниран од страна на прославената италијанска компанија со помош на The Classic Car Trust, а симулаторот е креиран за да „ја реплицира возбудата на возење на класични колекционерски автомобили“ по цена за која можете да си купите еден Porsche Taycan Turbo. Pininfarina креираше девет вакви симулатори кои се рачно изработени во фабриката на легендарната каросериска фабрика во Камбијано, Италија.

Симулаторот е инспириран од Cisitalia 202, гранд турер со две седишта дизајнирани од основачот на компанијата, Батиста „Пинин“ Фарина во 40-тите години на минатиот век. Комплетиран со автентичен Nardi дрвен управувач, мануелен менувач, три педали и ретро Hanhart хронометар кој е интегриран во контролната табла и поседува шмек на вистински класичен автомобил. Копчето за стартување, од друга страна, е поставено во контролната табла која пак, заедно со седиштата, е обложена во Marrone Tobacco Connolly кожа.

Pininfarina Leggenda eClassic Simulator

Финиширан во Argento Vivo, долгнавестото тело содржи едно седиште и заоблен екран на кој се прикажуваат симулациските трки. Заедно со симулаторот, сопственикот добива и членство во The eClassic Club на три години, а станува збор за заедница на ентузијасти за колекционерски автомобили. Тука се вклучени и тренинг сесии, трки и неформални групни возења.

Највпечатливата работа кај овој симулатор е тоа што истиот ќе се продава на аукција, а цената се проценува помеѓу 120 и 150 илјади швајцарски франци (110.640 до 138.300 евра).