Ray-Ban Aviator се веројатно најпознатите и најпопуларните очила за сонце во светот. Со својата „олд-скул“ форма и безвременски стајлинг, „авијатичарките“ станаа култен моден додаток низ годините.

Препознатливата силуета на Ray-Ban Aviator за првпат е развиена од страна на Армијата на САД во 30-тите години на минатиот век, а сега овие очила достигнуваат нови височини, барем кога станува збор за цената, благодарение на специјалната едиција која се одликува со рамки направени од чисто злато.

Славејќи го 84-тиот јубилеј на култните очила, Ray-Ban лансира само 84 примероци на Aviator со рамки од 18-каратно чисто злато. Цената, секако, е во согласност со она што го добивате, па така истата изнесува 3,454 долари, што за над 20 пати повеќе од „обичните“ Aviator очила.

Конструкцијата од скапоцениот метал доаѓа во комбинација со класичните поларизирани G-15 леќи во зелена нијанса. Меѓу останатите ексклузивни детали кои ги добивате со овие очила се специјалното кожно пакување и сериски број на внатрешниот дел од завршетокот од рамката.

За легендарниот стилски статус кој го уживаат Ray-Ban Aviator не треба многу да се говори, доволно е само да се погледнат фотографиите од најголемите филмски и музички ѕвезди за кои овие очила за сонце се неизоставен дел од колекцијата. За оние кои се заинтересирани да ги добијат овие специјални очила со златна рамка, истите можат да се погледнат на официјалниот сајт на Ray-Ban, пред да бидат распродадени наскоро, бидејќи се ограничени на само 84 примероци.