По само 10 одиграни натпревари во La Liga, Реал Мадрид како ретко кога се наоѓа на 9-тата позиција, 6 бода од зоната за испаѓање, а 7 бода од првата позиција, што значеше крај на кариерата на Лопетеги на клупата на фудбалскиот гигант.

Лопетеги си замина онака и како што дојде: неславно!

Прашањето е дали проблемот е токму во Лопетеги, кој на еден ден пред стартот на Светското првенство ова лето беше најавен за нов тренер на Реал, што му донесе отказ од националниот тим на Шпанија поради непрофесионалноста. Лопетеги, со солзи во очите беше претставен од страна на Флорентино Перез, но човекот беше оптимист.

Сепак, „материјалот“ кој мислеше дека ќе го има за да продолжи по шампионските стапки на Зидан, му беше „скратен“ со заминувањето на Кристијано Роналдо. Според нас, падот на Лопетеги почна токму во оној момент кога заврши трансфер-пазарот и стана јасно дека замена за Роналдо ќе треба да бара во постоечкиот состав на фудбалери.

Логично, кога од клубот заминува фудбалер кој придонесува со преку 50 голови во сезоната, а нема да се пронајде соодветна замена, беше јасно дека солзите на Лопетеги многу скоро ќе се повторат и токму тоа и се случи.

Сега, на новиот тренер Солари (поранешен фудбалер на „кралевите“) му преостанува неблагодарната задача да го регрупира составот, да пронајде модус да ги поврзе редовите и да го извади Реал од „калта“.

Уште на самиот старт, очекувањата од Солари се неоправдано големи, не поради друго, туку поради фактот што последниот тренер кој „влета“ како принудна замена во средина на сезоната се викаше Зинедин Зидан и три пати по ред ја освои Лигата на шампионите.

Дали за Солари ќе се повтори истата бајка, останува да видиме. Од него се бара првична стабилизација, а од Флорентино Перез ќе се бара зимска реакција на трансфер-пазарот и дополнување на ростерот со профилот на фудбалер кој недостига.