Јас живеам по свои стандарди, кои се темелат на фактот дека пола од својот живот го поминав во Атина, Лондон, Копенхаген. Кога се возиш во јавен транспорт во Лондон, се среќаваш и со банкари, и со скејтери, и со уметници. Диверсификацијата е клуч.

Нема втора шанса за прв впечаток -велат! Ќе биде ли тоа слика на префинет, елегантен, модерен, уникатен, интелектуално и стилски дефиниран лик или неформален, спортски, бунтовен, карактеристично својствен скејтерски „look“ ќе зависи во кој дел од денот ќе имате можност да го запознаете Блажо Симоновски. Преку ден професионално како специјалист за развој на нови пазари или приватно како зависник од адреналин на скејтборд штица, сеедно, и во едниот и во другиот случај останувате затекнати од моќта на трансформација која желбата, по секоја цена, да се биде слободен во своја кожа ви ја дава. Па иако се чинат како два поларитети, недопирливи ентитети, тој ќе се чувствува подеднакво удобно и пожелно и во обата.

Но тоа не е сè. Својот „контрoверзен“ животен стил ќе го обогатува со фасцинирачка колекционерска страст и тоа на неколку сериозни таргети со сериозна посветеност и предаденост. На крајот комплетната слика ќе дефинира еден оргинален, бунтовен, иновативен, навидум контраверзен индивидуалец кој по секоја цена има потреба да остане свој на себесвојствен начин.

ММАГАЗИН: Преку ден на работа соодветно формално, попладне приватно скејтбордерски. На прв поглед се чини прилично поларизирано, дури контрадикторно како судир на два различни светови. Грижливо чувано детето во себе или спој на две енергии?

Апсолутно спој на повеќе енергии. Сметам дека еден не треба да биде ограничен во ништо, и да живее по сопствени вредности и правила.

ММАГАЗИН: Скејтбордот изгледа повеќе како акробација одколку како спорт и повеќе од сигурно е опасна занимација. Кога и како се случува љубовта кон не така наивната активност која трае до денес и имаше ли моменти кога можеше да се каже збогум?

Љубовта се случи многу одамна, пред повеќе од 30 години, и трае до ден денес.
Имало моменти кога поради повреди можело да се каже збогум, но слободата што ја дава скејтот е незаменлива.

ММАГАЗИН: За некој зависен од адреналин, пасивниот одмор се чини му доаѓа како ерес….

Адреналинот го дефинира скоро секој дел од мојот живот, но не верувам дека и спротивното е ерес. Кому како му одговара, погрешен одговор скоро и да не постои.

ММАГАЗИН: Но предаденоста кон скејтбордот не е единствената страст во Вашиот живот. Колекционерството е уште една силна пасија кон која сте предадени. Што за Вас како дел од животната филозофија тоа претставува и како започнува таа(тие) приказни?

Активно собирам патики скоро 20 години, сакам и автомобили и часовници. Сите сме деца на еден начин, и за мене љубовта кон спортот ги дефинира моите хобија.

ММАГАЗИН: Мошне интригантно е што тоа се однесува на различни збирки колекции и тоа на вредни предмети, од часовници до автомобили и можеби најнеобичното- патиките Nike. Зошто токму тој избор?

Nike SB и Jordan преовладуваат во мојата колекција, иако имам и други брендови.
И двата брендови секогаш биле иновативни, дури и бунтовни, контроверзни на моменти.Имаме многу заедничко ха, ха.

Блажо Симоновски

ММАГАЗИН: Си конкурираат ли тие во приоритетите и може ли да се објасни воопшто таа страст?

Сега за сега ко-егзистираат во некаква хармонија, но не ја исклучувам можноста да има судир на интереси ☺

ММАГАЗИН: На што сте највеќе горди?

На чесноста, искреноста, и културата што сум ја стекнал благодарение на моето семејство и искрените пријатели.

ММАГАЗИН: Вистинската вредност во колекционерството се однесува на раритетот. Кај Вас тоа се пренесува и на изгледот. Зборува ли тоа(како и сè останато) за потребата да се биде индивидуалец и свој по секоја цена?

Раритетот за мене е приоритет. Поради тоа, многу од патиките ги набавувам од контакти стекнати низ цел свет со тек на годините. Оделата и кошулите се правени по порачка, исклучиво од Македонија, бидејќи сметам дека нашите кројачи и шивачи се едни од најдобрите. Работам и на сопствена линија SB, која ќе вклучува капчиња, маици, блузони, и one-off дизајни.

ММАГАЗИН: Колку сите тие искуства надвор од дома ви го обликуваа(т) животот?

Целосно. Јас живеам по свои стандарди, кои се темелат на фактот дека пола од својот живот го поминав во Атина, Лондон, Копенхаген. Кога се возиш во јавен транспорт во Лондон, се среќаваш и со банкари, и со скејтери, и со уметници. Диверсификацијата е клуч.

ММАГАЗИН: Кои нешта ви се најважни на крајот на денот?

Семејството, пријателите, здравјето и спорот. Сè друго е минлива варијабила.

ММАГАЗИН: Како ја дефинирате урбаноста?

Урбаноста за мене е способноста да биде човек слободен во сопствената кожа, во било која ситуација, била каде во светот.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.