Многумина веруваат дека ракот на дојките е болест карактеристична за жените. Донекаде се во право, бидејќи има тенденција да ги напаѓа жените во поголем процент, но не е изоставено дека може да се јави и кај мажите. Последен таков случај е таткото и поранешен менаџер на ѕвездата Бијонсе, Метју Ноулс, кој пред неколку дена излезе во јавноста зборувајќи токму за неговата борба со рак на дојка.

Можеби мажите немаат гради како што имаат жените, сепак имаат мала количина на такво ткиво. Градите/дојките кај возрасниот маж се слични по конструкција со градите на девојче во пубертет. Разликата е што кај девојчињата, ова ткиво се развива и понатаму, а кај мажите останува исто. 

Но, бидејќи ткивото фигурира и постои, може да дојде до појава на канцерогено заболување на тоа ткиво. 

Голем проблем кај појавата на ваков тип на рак кај мажите е што често многу подоцна се дијагностицира за разлика од оној кај жените. 

Кои мажи припаѓаат во критична група?

Вистинска реткост е ракот на градите да се појави кај мажи помлади од 35 години. Најголем дел од случаите кај кои се појавил ваквиот тип на рак се на возраст меѓу 60 и 70 години. 

Освен возраста, критична група се и мажите кои имаат женски членови од семејството со рак на дојка, мажите кои биле изложени на радијација на градите, оние со зголемување на градите поради хормонска терапија и слично. 

Симптоми

Симптомите кај мажите се слични како оние кај жените. Поголемиот дел од случаите се дијагностицираат кога мажот ќе открие грутка при допир на градата. Но, за разлика од жените, голем дел од мажите ја избегнуваат посетата на лекар, а со тоа го одложуваат дијагностицирањето и лечењето додека не дојде до сериозни компликации како крвавење од брадавицата. 

Начинот на дијагностицирање е ист и кај двата пола: физички преглед, мамографија и биопсија. Истото важи и за третманите: операција, зрачење, хемотерапија, биолошка терапија и хормонална терапија. Големата разлика меѓу мажите и жените е што мажите многу поефикасно реагираат на третманите, односно постои 90% успешност во лечењето.