Откако повредите го спречија да настапи на Wimbledon, U.S. Open и Олимписките игри во 2021 година, тениските навивачи со право се запрашуваа дали Рафаел Надал ќе успее да освои уште еден гренд слем трофеј во својата кариера.

Но, 35-годишниот Надал ги надмина сите очекувања и во неделата испиша историја во финалето на Australian Open, откако успеа да направи неверојатен кам-бек и со пресврт да го совлада рускиот тенисер Данил Медведев во пет сета за да дојде до рекордниот 21 гренд слем трофеј во кариерата, издвојувајќи се пред Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ кои остануваат на 20 вакви титули.

Рафаел Надал

Покрај тоа што успеа да го освои Roland Garros во рекордни 13 наврати, Надал триумфираше четири пати на U.S. Open и уште во два наврати го освои Wimbledon.

Часовник направен специјално за Надал

Но, она што исто така го привлече вниманието на јавноста е тоа што Надал го освои првиот гренд слем во сезоната носејќи специјален часовник на секој натпревар во Мелбурн. Станува збор за Richard Mille RM 27-04 Tourbillon Rafael Nadal специјално дизајниран часовник за шпанскиот тенисер кој вреди 1 милион долари.

Часовникот, кој е последниот во серијата од девет Richard Mille часовници кои го носат името на Рафаел Надал беше претставен во 2020 година како ограничена серија од 50 парчиња со цена од 1.050.000 долари. Часовникот се одликува со турбијонско движење од титаниум од петто ниво кој е поддржан од единечна 0,27-милиметарска челична жица, исплетен во мрежа со цел да потсетува на структурата на тениски рекет.

Со своето куќиште направено до TitaCarb композит и ременче од волнена ткаенина, RM 27-04 Tourbillon тежи само 30 грама.

„На почетокот морав да се прилагодувам, моравме тесно да соработуваме со Richard Mille за да го прилагодиме часовникот за мојот зглоб. Сега ми стана дел од кожата, исто како да немаш ништо на себе“, изјави Надал.