Во неделата со соопштение до медиумите брендот Prada објави дека белгискиот дизајнер Раф Симонс почнувајќи од април, ќе биде новиот ко-креативен директор на Prada. Во соопштението беше изјавено дека Симонс ќе дели еднакви креативни одговорности и еднакви одговорности во донесување одлуки со Миучија Прада.
Ова е големо изненадување во светот на модата. Многу е лесно денес кога живееме во ерата на модни соработки да замислиме Raf x Prada брендирање. Но од соопштението дознаваме дека овде не се работи за краткотрајна соработка, ниту пак размена на интелектуална сопственост, туку за нешто концептуално ново, нов пристап кон самата дефиниција за креативност на модниот бренд.
Ова не е прва соработка на Симонс со Prada Group. Имено Раф Симонс има работено за брендот Jil Sander, кога тој бил во сопственост на Prada Group. Овој потег е без преседан од деловен и креативен аспект. Сепак се работи за Prada и два искусни дизајнера.