Фидел Кастро е познат по тоа што уживал во своите Сohiba, а дипломатите кои доаѓале на посета кај него неретко се враќале со парче од можеби најконтроверзните, најфините, најлуксузните и дефинитивно најимитираните пури на светот (денес, оригиналната Кохиба не се произведува за комерцијална употреба, а единствен начин како да дојдете до вистинската е доколку сте висок државник на посета во Куба). Како и да е, пурата несомнено е синоним за префинетост, истенчен вкус и перфектен стил. Но, нештата нема да изгледаат така секси како што звучат доколку не знаете како вистински да се однесувате со пурите. Да, постои цела филозофија околу пушењето пура.

Исто како што не би пиеле црвено вино од фрижидер, ниту пак би комбинирале чевли со сиви тренерки, така постојат определени правила кога станува збор за правилно пушење пура. Па, наместо погрешно да ја пресечете пурата, збунето да гледате во запалката или не дај боже да пафкате како аматер, потребно е мала едукација пред да посегнете кон сувото злато. Иако навидум изгледа едноставно (го палите делот кој не ви е во уста и повлекувате), лесно може да изгледате смешно, нешто како второкласна имитација на Ал Пачино. Токму затоа, за следниот пат кога низ раце ќе ви помине пура, ние ви подготвивме прирачник како да изгледате како вистински професионалец. И не само да изгледате, туку и вистински да уживате во вкусот на префинетоста.

Прво и можеби најважно е да знаете како да одберете

Пред сè, треба да знаете дека постојат слаби, средни и јаки пури, кои потоа се поделени во класи, односно – Robusto, Belicosos, Corona, Lonsdale, Panetela и Churchill.
Robusto пурите се едни од најраспространетите пури и обично се познати како најкратките членови од кралското семејство. Просечна Robusto е долга околу 13 см и на истата и е потребно околу 45 мин до 1 час за да се испуши. Од овој тип наш предлог е да ја пробате Romeo Y Julieta Vintage III.

Belicosos пурите ќе ги препознаете по заострената глава, нивната должина е помеѓу 13 и 15 см, а истиве важат за „мафијашки“ пури поради нивниот конусен облик, концентрираниот чад, а ноншалантен изглед. Овие не се препорачуваат за пушачи почетници, а за една пура ќе треба да одвоите околу еден час. Од овој тип наш предлог е Arturo Fuente Chateau Series.

Corona пурите се популарни поради широкиот спектар на вкусови кои ги имаат – токму овие се т.н златен стандард на пури. Обично се долги околу 13тина сантиметрти, а во прилог на нивниот одлично се вклопува и лесниот чад што ги прави посакувани за оние на кои им пречи силниот вкус на пурите. Наш предлог е Montecristo No.3

Lonsdale пурите слично како и Corona, се познати по својот лесен и вкусен чад. Во зависност од марката која ќе ја одберете, имаат приближно ист дијаметар како Corona, но се малку подолги, околу 15 см. Овие пури се создадени за оние кои сакаат подолго да уживаат во богатиот вкус. Наша препорака е Acid by Drew Estate.

Pantela пурите се познати по тоа што се подолги, но потенки од останатите видови. Поради нивната должина, потребно е повеќе време за да се испушат (понекогаш до два часа) и за нив се вели дека имаат различни фази на чад, што значи дека вкусот, текстурата и аромите варираат додека согорувате. Наш предлог е Baccarat.

Churchill пурите, именувани по најпознатиот британски премиер, се сериозни пури за сериозни пушачи. Долги се 15 см, имаат широк дијаметар, а испуштаат тежок чад. Наш избор е La Gloria Cubana Serie R No.7

Важно е да знаете дека не секогаш скапата пура е најдобра, и кога ќе одбирате важно е да ја допрете – доколку забележите меки делови или нерамини, оставете ја, добрата пура има конзистентна, цврста и фина текстура. Одбирањето пура бара време и многу е важно исто така периодот од денот кога планирате да пушите игра улога, на пример лесна и кратка Rafael Gonzalez Perla пура е одлична за наутро, бидејќи и требаат околу 20 минути за да изгори и има лесен кремав вкус, додека нејзинот контраст се Partagas Lusitania кои се препорачуват за долго уживање после вечера со своето двочасовна кадифена, богата, залинета и земјеста арома.

Многу важно како се чуваат и како се сечат

Пурите мора да бидат складирани на место каде влажноста е од 65% до 70% и на температура од 17 до 23 степени. Доколку не е складирана како што треба, листовите ќе бидат премногу суви и груби на допир. Што се однесува до сечењето, потребно ви е специјално сечило за пури, како би избегнале ронење или уништување на пурата. Најчесто се сечат со мала гилотина која е наједноставен и најефикасен начин кој одговара речиси на сите норми на пури.

Посветете доволно време на палење на пурата

Буквално ниту еден дел од процесот не смее да биде избрзан, па токму затоа треба да се посвети доволно време и на самото палење на пурата. Многу е важно и со што ќе ја палите пурата – квалитетно долго чкорче од ќибрит или запалка на гас се одлична опција која ќе додаде дополнителна арома на пурата. Што треба да направите? Најпрво ја доближувате до врвот на огнот, додека ја вртите меѓу прстите. Многу е важно сите краеви да бидат рамномерно запалени.

Кога ќе забележите дека врвот и краевите се разгорени, земете неколку дима додека се уште го држите кибитот запален, на секој дим пурата треба да ја ротирате меѓу прстите, кога ќе се осигурате дека пурата е запалена, дадете и момент да одмори, бидејќи преголемата температура може да предизвика пурата побргу да изгори.

Спарете ја пурата со совршеното виски или кафе

Скоро секоја пура оди совршено со квалитетно еспресо, но кога станува збор за комбинирање со виски, треба малку повеќе искуство. Идеалната комбинација би била: виски со слична арома која совршено ќе се надополни со зрелоста на пурата. На пример Trinidad Fundadores пурите совшено си одговараат со Glenfarclas 21. Или Octomore виски со Bolivar Super Corona 2014 Limited. Сепак, она што игледа добро на хартија не значи дека ќе ви биде совршено на вкус, па затоа е многу важно да испробувате различни комбинации се додека не го истенчите вкусот за да може да распознаете што најдобро ви лежи.

Како се пуши пура?

Главното правило е – никогаш не вовлекувајте го димот како кога пушите цигара. Веројатноста да се закашлате и да игледате како аматер е огромна. Не знаете како да пафкате? Еве една тајна – не земајте воздух преу дијафрагмата. Замислете дека вовлекувате како низ сламка и потоа веднаш испуштете го чадот. Направете го ова четири или пет пати, додека пурата да почне да испушта густ, бел чад.

Сега може да забавите. Вашата пура е доволно разгорена и ќе си гори сама од себе, па нема потреба постојано да пафкате. За да ја задржите разгорена, земајте по еден до два дима на секоја минута. Опуштете се и уживате во вкусот на тутунот. Никаде не се брзајте, имајте на ум дека во зависност од големината и дебелината на пурата ќе ви бидат потребни од половина час до два часа.

Што со етикетата?

Отстранување на етикетата е прашање на избор. Некои мажи преферираат да ја извадат, додека некои ја оставаат. Правилниот начин е да ја извадите, но и тука има едно правило – не ја отстранувајте веднаш – оставете ја неколку минути, топлината од пурата ќе ја олабави, па помала е веројатноста да ја оштетите пурата при вадење.

Исто така додека пушите, нема потреба постојано да ја тресете пепелта како кога пушите цигара, оставете ја малку – колку повеќе пепел држи, толку поквалитетна пура, но сепак не претерувајте, бидејќи може да влијае на вкусот. Не оставајте ја пепелта повеќе од 2,5 см, а кога ќе ја тресете не ја потчукнувајте како цигара, нежно свртете ја во пепелникот додека да се отстрани.

За крај

Никогаш немојте да ја изгасите пурата за да ја оставите за подоцна – вкусот ќе се расипе и кога повторно ќе ја запалите нема да ја има истата арома, ниту влажност. Постојат различни големини на пури, од 15 минутна Entreacto, до три часовна Gran Corona, така што секогаш може да ја одберете вистинската пура во зависност од времето и околностите. И не зборавајте, колку повеќе врсти пробате толку повеќе ќе ви се истенчи вкусот, токму затоа не се врзувајте за еден бренд, туку пробувајте. Доколку се двоумите околу видот, квалитетот или брендот кој сакате да го оберете, не срамете се да се консултирате со лицето кое ги продава пурите.