Страст, љубов, очекувања, мириси, интимни пејсажи, пресликани времиња, сладострасни мисли и копнежи се она што нашата реномирана уметница Микица Трујкановиќ преку своите дела ќе им го открие на ликовните љубопитници со својата изложба на 19-ти септември во МКЦ.  Совршен повод да овие интимни одредници ги пресликаме и низ зборови.

М Магазин: Велат дека настинката и талентот не можат да се сокријат. Кога стана јасно дека уметноста е предодредница?

Уште од мала бев тврдоглаво самостојна со „изграден“ став. Во големите размисли на малиот човек – основец си градев слика за себе, што би сакала да бидам кога ќе пораснам.

Хит професии тогаш ми беа архитект, адвокат, санитарен испектор, ветеринар и ликовен уметник. Во тој раскошно различен избор и калкулирање на предностите на идната професија, одлуката на крајот беше лесна и едноставна. Одбрав слобода. Решив да бидам сликар, се запишав во Средното уметничко училиште каде ја нацртав првата школувана линија. Еве, сеуште ја исцртувам веќе дваесет и осум години. Не згрешив. Среќна сум.

М Магазин: Имавте среќа вашиот талент да биде веднаш препознаен , наградуван и верифукуван од самиот почеток. Што значеше тоа за вашиот професионален живот?

Додека си студент на академија си некако здомен, згрижен. По завршувањето на студиите доаѓа една фаза на осамување, преиспитување, барање себеси, една точка којашто е прилично критична, барем беше за мене. Тоа е лична борба на секој млад автор, да се биде или не.

Се бараш и сакаш да го оствариш својот персоналитет како уметник. Јас ја имав таа среќа набрзо по дипломирањето, за краток временски период да добијам неколку награди кои ми ја подкрепија самодовербата, ме направија посмела и храбра во истражувањата, експериментирањата во ликовниот јазик. Едноставно ми го потврдија избраниот ликовен пат и секако многу ми значеа.

М Магазин: Оставате впечаток на силна жена која успешно се справува со предизвиците во животот. Тоа како одлика на карактер или животна вежба?

Со карактер се раѓаме и со истиот карактер ќе заминеме од овој свет. Можеби одвреме навреме ќе го модифицираме, но во основа и суштина ќе останеме исти. Се помеѓу е опстанок, живот. Во него сум била милувана, но и камшикувана понекогаш.

Како што велите во таа напластена животна вежба од сестрани притисоци, лични борби, наметнати закони и вредности мораш да се лакташ за да истраеш под ова небо. Мораш да си континуирано силна како жена, подеднакво да ги негуваш двата пола во себе ако сакаш да опстанеш… и да, повремено навистина ми треба одмор да бидам едноставно само жена, што не мора да е силна…

Микица Трујкановиќ

М Магазин: Прашањето за раѓањето на инспирацијата е најинтригантното, но и најнеблагодарното за одговор. Како се оплодуваше таа кај Вас?

Преку љубов и болка, низ години, во различни форми, тоа се моите основни двигатели. Толку преплетени и неразделиви, некако зависни едни од други. Ние уметниците сме инфицирани од животот и преку чинот на творење се исповедуваме и прочистуваме чувствено. Во самиот чин на завршување на едно дело се чувствува празнење, олеснување и голема радост. И секако нов почеток.

Секако инспирацијата доаѓа и од волшебната природа која е вечна инспирација за мене, од еден камен, едно небо, една школка, едно сè. Посебно се убави и оние фази во творењето каде што е погоден креативниот миг, каде се забавуваш со своите мисли и фантазии, играш и танцуваш врз платното понесен од страста на животот. Целиот тој процес е благослов, божја милост и лично уникатно доживување.

М Магазин: Вашето CV говори за мошне плоден креативен наплив.Тоа е резултат на креативна кондиција или потикнувачка инспирација?

Симбиоза на двете. Битно е во таа нужност на создавање, во тој продуктивен нагон да се дозволи содржините да се менуваат и зреат, да не се падне во манир. Да се задржи онаа изворна детска љубопитност долж веќе напластеното ликовно искуство. Јас како автор не творам секојдневно, напротив, повремено, но тоа секако не ја намалува креативната кондиција.

М Магазин: Уметникот е врзан за моментот на инспирација, како се жонглира со професионалните и секојдневните обврски, мајчинството и творењето?

Сите тие „задолжителни активности“ се еден сложен процес со меѓусебни односи. Понекогаш се случуваат ситни жртвувања, но со внимание да не се поремети целината. Но стојам на мојот став дека секојдневните обврски т.е практичниот, реалниот живот во суштина е многу досаден. Затоа духовниот опстанок е многу битен, секој креативец се предава на творењето, кое самото по себе е страст и дава содржајност на секојдневното постоење.

М Магазин: Потребата од силна интеракција со својот внатрешен свет кај творците која се претвора во потреба тоа да се изнесе како став или одговор на појавноста се чини како своевидна привилегија на уметниците?

Чинот на творење ти дава слобода и можност на пресоздавање на сопствениот живот по своја мерка. Сето тоа само по себе е голема привилегија. За некои луѓе самотијата е погубна, за нас сликарите има голема смисла, таа е повластеност, сам во својот мир или немир да се самоспознаеш, да комуницираш со себе си. Додека твориш се преиспитуваш, соголуваш, можеш да бидеш инфантилен колку сакаш, да лудуваш и да си ги развиориш слободите без ограничувања. Ма чиста животна терапија!

М Магазин: Верувате ли во љубовта? Какво значење има таа за Вас?

Микица Трујкановиќ„Љубовта представува почеток на секоја уметност, вредноста на едно дело зависи од уметникот односно од неговата способност да сака“.

Верувам во љубовта. Ја дишам секој ден. Сè е во љубовта, љубовта во сè. Без неа сè би било само една обична материја, едно обично ништавило.

М Магазин: Како го доживувате вашето созревање, како уметница и како жена во 40-тите, и колку едното го условува другото и обратно?

Препород и прочистување. Ги надминав несигурностите и збунувачките емоции, дозволив некои мои лични начела да доживеат капитулација. Ги фрлив челичните усни, си дозволив после долги години, кога нешто добро ме избира – да му се препуштам и уживам, лебдам баш онака како онаа бела кеса во кадарот на филмот „Американска убавина“.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.