Театарот е колективна работа и во него егото и суетата се тргаат на страна заради повисоки уметнички цели. Лошо е што е пристутно меѓу колегите и што многу често се ставаме во ситуација да се занимаваме со нечие его, наместо да боруваме за идеи.

Сања Арсовска е актерка од помладата генерација на македонското глумиште. Ќе ја препознаеме од серијата „Инсајдер“ како и од филмовите „Балканот не е мртов“ и „Параболик“, но и по рољите во претставите во својата матична куќа- Драмскиот театар. Ведра, разборита, директна, отворена со љубопитни и ширум отворени очи, е впечатокот при првата средба со неа. А таа за тоа ќе каже:

– Многу сакам кога другите ми даваат карактерни класицифации. Едни ме доживуваат како арогантна и дрска, други интровертна и емотивна, за едни сум бавна како желка, за други брза како чита. Некои мислат дека сум смирена како психијатар, други дека сум избувлива како вулкан. Едни дека сум плашлива, други дека сум бестрашна. Најверојатно сум сè од ова. Зависи од денот, ситуацијата и соговорникот. Во секој случај, не сум едноличен и едноставен човек.

ММАГАЗИН: Актерството е „ѓаволски“ тешка професија, но честопати знае да биде романтичарски младешки занес. Што и пресуди на ваквата одлука кај Вас?

– Од дете знаев дека ќе се занимавам со креативна работа, само не знаев дека тоа ќе биде театарската уметност. Имав авантуристички дух и никогаш не бев постојана во своите желби, впрочем, ништо различно од било кое друго дете. Едноставно, имав љубов кон сè и сакав да бидам сè. Така трагајќи по нови љубови, завршив во драмско студио. И еве, уште не можам да се ослободам од таа љубов. Проклета е, но ја сакам својата професија. Иако, од оваа временска дистнанца, се прашувам зошто никогаш не развив голема љубов кон природните науки и не го посветив животот на физиката или астрономијата.

Сања АрсовскаММАГАЗИН: Актерството изискува целосно физичко и емотивно предавање, останува ли простор за друга пасија кај актерот? Во што уживате?

– Уживам во патување и посетување на музеи. Уживам да ги слушам Шопен и Лекуона на грамофон, уживам да ги пуштам на слушалки New Order и Daft Punk и да се качам на велосипед и да возам низ град. Уживам во спиењето и во соновите што ми доаѓаат.

ММАГАЗИН: Кој е вашиот животен стил? Дали внимавате на „здравите навики“? Храна и готвење?

– Или живеам екстремно здраво или екстремно нездраво. Или јадам здраво или не јадам воопшто. Има денови во кои заборавам да јадам. Генерално, не сум љубител на конзумирање храна, да не ми требаше за да преживеам, немаше воопшто да ја користам, односно ќе ја користев само за готвење и правејќи ги другите среќни и најадени. Да, сакам да готвам и готвам одлично. Не користам рецепти, си експеримнтирам со вкусови и често смислувам нови егзотични оброци.

Сања Арсовска

ММАГАЗИН: Колку е важна емотивната интелигенција за еден актер ?

– Ако се земе предвид дека на актерите основното средство за работа им е емоцијата, тогаш е јасно дека емотивната интелигенција мора да е присутна. Во што поголема доза, толку подобро за крајниот продукт.

ММАГАЗИН: Колку е пожелно или не, егото кај актерите?

– Апсолутно непожелно. Егото те води кон компетитивност, а компетитивноста може да е оправдано присутна во индивидуалните работи, во колективните, не. Театарот е колективна работа и во него егото и суетата се тргаат на страна заради повисоки уметнички цели. Лошо е што е пристутно меѓу колегите и што многу често се ставаме во ситуација да се занимаваме со нечие его, наместо да боруваме за идеи.

ММАГАЗИН: Во која боја ја гледате љубовта? Или кој е за вас спектарот на љубовта?

– Повеќе ја доживувам низ музика отколку низ бои. Музика што ќе предизвика да ти мекнее телото, што ќе те насмее простодушно и детски, што ќе те натера да копнееш, што мами допири, што ти дава слобода…

Сања Арсовска

ММАГАЗИН: Што ве прави лута и тажна, а што весела и полетна?

– Ме лути и растажува човечката глупост и ограниченост, неправдата и лагите. Се радувам на искреност, на човечки достигнувања и успеси, на големи и продуктивни идеи. Полетна сум секогаш кога сум опкружена од луѓето што ги сакам.

ММАГАЗИН: Кој е Вашиот „аџилак“?

– Да си направам куќа на врвот на Богословец (мала планина во близина на Штип) и оттаму секојдневно да уживам во погледот кон Овчеполието.

ММАГАЗИН: Се вели дека секогаш имаме избор, но секој избор првично носи дилема. Како реагирате кога треба да донесете важни одлуки во животот?

– Прво нешто на кое што помислувам е „Нели може некој друг да одлучи место мене?”. Многу сум пресметлива и аналитична кога се работи за лична одлука. Дури и откако ќе ја донесам, се двоумам и преиспитувам. Можете да ми дадете да поместам планина со голи раце и верувајте дека ќе најдам начин како да ја поместам, но не ме терајте да донесам одлука.

ММАГАЗИН: Колку уметникот и уметноста имаат должност за одговор, одговорност и ангажман околу општествените случувања околу нив ? Вашиот одговор на општествената стварност?

– Должност му е на уметникот будно да ги следи општествените случувања и да реагира. Да создава простор за промена на јавното мислење. И тоа може да го прави преку својата уметност или како личност. Јас, можеби не толку како актерка преку улогите што сум ги одиграла, колку што како Сања, не сум можела да останам индиферентна на општествената стварност. Сè уште не можам и нема да можам ни во иднина. И за да бидам на чисто пред себе дека нешто сум презела, секогаш ќе се трудам да ги менувам работите за кои верувам дека можат да фукнционираат подобро.

Сања Арсовска

ММАГАЗИН: Дали според вас има разлика меѓу женскиот и машкиот поглед на „вечната љубов“. Како ја концептуализирате вечната љубов во современи услови?

– Не можам да зборам генерално, можам само да го искористам моето искуство кое вели дека и мажите и жените знаат да сакаат еднакво добро, еднакво силно, на ист начин. Не знам што всушност значи вечна љубов и дали само таа треба да се земе како вистинска и како животен дострел. Да зграбиш некого и да го сакаш цел живот. Всушност, не ни верувам во тој конвенционален концепт на вечна љубов. Вечна љубов може да биде кон човек кого го немам видено го години, вечна љубов може да имам кон некого со кого никогаш ништо не сум имала интимно. И ако треба да ја конципирам љубовта во овие современи времиња, би ја нарекла слободна љубов.

ММАГАЗИН: Дали живееме во машки свет?

– Апсолутно. Затоа на светот му се случуваат толку ужасни работи.

ММАГАЗИН: Дали сте добар возач ? Дали би прифатиле трка со некој маж?

– Исклучително добар. Не би прифатила трка, доволно е кога со автомобил ќе претекнам некој маж кој откако ќе увиди дека е претекнат од жена, се навредува максимално и е жеден за одмазда, па гневно стиска гас за да ме претекне мене, сакајќи ми одржи лекција каде е местото на жената во сообраќајот и да ја потврди својата „машкост”.

ММАГАЗИН: Која е Вашата убава мисла, водилка низ животот?

– Немам некои мисли, правила, филозофија. Функционирам според инстинкт и енергија.