Првите три денови од месец ноември, градот ќе пулсира во ритамот на модата. Од 01 до 03 ноември ќе се случи јубилејното 20-то издание на Моден викенд во Скопје. Локацијата е Музејот на град Скопје, кој пак слави 70 години постоење. Како и секоја, така и оваа година, организаторите се погрижија програмата да изобилува со стари и нови дизајнери, манекенки, гости, спонзори, љубители на естетиката и модата.
Пронајдоа убав начин да го најават ова 20-то издание, со тридневна работилница во склоп на Модниот викенд.
Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, започна реализацијата на проектот „Нитка“, чиишто учесници ќе ѝ се претстават на јавноста со заеднички перформанс, во рамки на Моден Викенд Скопје.
На иницијатива од македонското модно здружение „Концепт Моден Кластер“, практични одговори на ова прашање ќе понуди групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера.
Во наредните две седмици, пред нив е креативниот предизвик – да ги сплотат различните модни визии, па рачно да сплетат оригинални и носливи модели, работејќи во тандеми. Со посветеноста и помошта од Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, учесниците научија различни техники на плетење, коишто допрва ќе ги преведат на модерен начин во нивните дизајни, користејќи ги волниците од домашниот текстилен производител Тетекс. Насловната и фотографиите од динамичната атмосфера во текот на обуките се дело на Виктор Стојков.
Во соработка со студентите на школата за уметност и дизајн „Џолев и уметностите“, предвидено е и снимање на промотивен каталог за изработките.