Пред неколку години имав чест да разговарам со Марија Аслимоска, парфумеристка која е сопственик на своја парфимерија во Даблин, Parfumarija. Токму таа, ми ја раскажа приказната која се крие зад создавањето на омилениот парфем на Џон Ф. Кенеди, па истата ме наведе да откријам нешто повеќе.
Приказната почнува некаде во 1937 година, кога омилениот американски претседател бил студент на посета во Франција. Уживајќи во сончевата француска ривиера, младиот студент Кенеди се наоѓа на маса со еден француски аристократ, Алберт Фуке чие хоби било мешање на различни мирисни ноти и создавање на сопствени парфеми кои не биле наменети за комерцијална употреба.
Парфемот кој во тој момент го носел овој отмен французин, не поминал незабележано кај младиот Кенеди, кој уште тогаш негувал префинет стил, па не пропуштил да го праша кој е парфемот кој го носи. Фуке, му одговорил дека самиот го создал и дека ќе му остави малечко шишенце како подарок од истиот, во хотелот каде престојува.
Токму тоа и го направил, а во пораката која ја оставил со шишенцето парфем пишувало „Во ова шишенце, ќе најдеш малку од францускиот гламур, кој на вам Американците ви недостига.“
Приказната продолжува кога Кенеди се враќа во Америка заедно со парфемот, па истиот остава силен впечаток кај неговите пријатели и познаници во џет-сетерските кругови. Тој веднаш му пишува писмо на Фуке во кое му вели дека сите негови пријатели се вљубени во парфемот и би сакале да им испрати 8 примероци плус еден за Боб (неговиот помал брат).
Французинот се согласува и ги праќа парфемите во кутии чии дизајн бил инспириран од дизајнот на блузата која ја носел Кенеди дента кога се сретнале. И така се раѓа брендот „Eight & Bob.“ Во следните неколку месеци, веројатно благодарение на Џозеф, таткото на Кенеди, кој парфемот собира голем број фанови, па Фуке добива нарачки за парфемот од Кери Грант, Џејмс Стујард и останати членови на Холивудскиот крем.
Две години подоцна, во 1939 година, Фуке трагично загинува во сообраќајна несреќа. Но, неговиот батлер Филипе, кој често знаел да му асистира на Фуке додека правел парфеми, ја знаел точната формула.
Кутијата во вид на книга во која е спакувано шишенцето, потекнува од времето на Втората светска војна, кога Филипе сакајќи да го сокрие парфемот од нацистите, рачно сечел калапи во книгите каде ги кирел шишенцата скапоцена течност. По завршувањето на војната, Филипе никогаш повторно не го произвел парфемот. Тука некаде се губи и трагата за тоа што навистина се случило со Филипе по завршување на војната.
Формулата повторно оживува 60 години подоцна, благодарение на семејството на Филипе кое парфемот на Кенеди или „Eight & Bob“ го враќа на пазарот. Состојките секако се чуваат во тајност од страна на семејството, но она што парфумеристите го знаат со сигурност е дека истиот содржи екстракт од растението „Andrea,“ билка која Фуке ја открил при едно патување во Чиле.
Оваа билка може да биде набрана во декември или јануари и само 7% од истата може да се користи, па токму тоа ја лимитира и количината на парфем кој може да се произведе.
Мирисот на овој парфем е доста свеж, има ванила – дрвенести ноти, богат е, класичен и истиот може да се класифицира како unisex. Веројатно мирисот денес е малку поразличен од оригиналниот кој го носел Кенеди, бидејќи од тогаш до сега многу ноти се забранети за употреба од страна на регулаторните тела кои не дозволуваат да се користат материјали од животинско потекло.
Денес, парфемот е достапен на секаде низ светот, а истиот може да го имате за само 195$ по шише, секако спакувано во кутија во вид на книга.
Лилит