Долгоочекуваниот новогодишен концерт “Приказна за еден град” во Битола се претвори во првокласен музички настан по кој ќе се памети оваа 2019 година.

Големата сала на Центарот за култура беше исполнета до последното место, а концертот ги исполни сите стандарди на вистински голем настан. Веќе со првите тактови на “Копакабана” од легендарниот Драган Ѓаконовски Шпато, нумера со која започна овој концерт со вокалот на Јасна Димитровска и со специјалниот гостин со кадифен џез глас Џон Илија Апелгрин, концертот се претвори во редок мелем за сите сетила.

На сцената двата вокалисти ги следа врвни џез музичари, како Оливер Јосифовски, Дамир Имери, Славчо Коцев, Ади Имери, Сенад Хусеин, Рики Трајановски и Демир Кантуровски кои безброј пати беа наградени со овации по своите соло делници во нумерите, а публиката имаше шанса да ужива во речиси двочасовно музичко патување со репертоар во кој имаше и џез класици и македонски евергрини и празнични нумери.

Концертот оваа година имаше и една поинаква мисија, а тоа е будењето на свеста кај јавноста и да повика на совест кога станува збор за создавање отпад. Битолската треш челинџ акцијата “Мети си со класнето”, поттикната од Божиновски часовници и накит, направи отворен конкурс за Арт треш челинџ, на која се пријавија дури 400 деца со свои уметнички дела направени од собран смет низ градот, а најдобрите беа поставени во фоајето пред концертната сала со пораки до публиката, а оттука и до пошироката јавност дека “Свеста не е луксуз”.

Овој арт проект во 2020 година ќе има национална турнеја низ сите градови, а најавен е и проект за развивање на идеја за ботаничка градина во градот Битола.