Британски и американски истражувачи сугерираат дека какаото, или поточно, флаванолите кои се наоѓаат во зрната какао ја зголемуваат менталната агилност кај луѓето. Истражувањето, спроведено од научници од Универзитетот во Бирмингем и Универзитетот во Илиноис, а објавено во Scientific Reports, доаѓа навреме, токму кога пиењето топло какао или чоколадо ни станува секојдневна навика.

Ова истражување покажало дека флавонолите не само што помагаат во процесот на оксигенација (создавање на оксихемоглобин- молекулско соединение на хемоглобинот со кислородот), туку влијае и врз когнитивната функција која опфаќа способности како меморија, расудување, јазик, донесување одлуки и решавање на проблеми.

Во студијата учествувале осумнаесет здрави мажи, непушачи, без претходна историја на цереброваскуларни, кардиоваскуларни или респираторни заболувања, на возраст од 18 до 45 години. Учесниците биле замолени да постат 12 часа пред секоја студија, со цел да се добијат порелевантни резултати. Волонтерите биле тестирани пред и по конзумирање на напитокот, со таа разлика што на еден дел од испитаниците им било давано какао со зголемено ниво на флавоноли.

Од истражувањето е откриено дека учесниците имале побрзи и подобри когнитивни способности по конзумирање на напитокот. Но оваа студија имала и свои негативности како на пример, учесниците не покажале разлика при решавање на лесните когнитивни активности, исто така и тие учесници кои ги решиле тешките задачи пред конзумирање на напитокот не забележале подобрување по тестирањето.