Стрелките на часовникот на пладне го закажаа почетокот на пресконференцијата на најновиот филм на Милчо Манчевски. Филмот го носи името Врба, а минатиот месец беше дел од селекцијата на Филмскиот фестивал во Рим. Таму, актерската екипа и режисерот беа пречекани со неверојатна поддршка и исчекување. Филмот доби фантастични реакции од италијанската фестивалска публика. 

Конференцијата за прес која се случуваше денес во малата сала на Македонската филхармонија, беше организирана во чест на премиерата на филмот пред македонската публика, што треба да се случи на 1 ноември, овој петок.

Новинарската публика беше почестена со присуството на режисерскиот великан, Милчо Манчевски, продуцентот Јане Ќортошев и актерите Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Ненад Нацев. 

Премиерата

Режисерот изјави дека филмот има две верзии: машка и женска, но дека наместо да се одлучат за една, од екипата на филмот велат дека ќе ги прикажат и двете. Машката верзија е подинамична и ќе се прикажува во кино Милениум, додека женската е малку подлабока и ќе се прикажува во Cineplexx. Разликата е минимална, бидејќи ова не е филм за мажи или жени, ова е филм за луѓе. 

Филмот раскажува три приказни за три мајки, една сместена во средниот век, а другите две се посовремени. Се преплетуваат и наподолнуваат.

„Секој филм создава свој универзум, свој свет и мислам дека гледачот го сака филмот ако успее да влезе во него и ако негде го однесе. Тој свет може да биде страшно реалистичен и денешен, како што е дел од филмот, а може да е и средновековен или од некое друго минато.Страшно интересно е со изучувањето да откриваш колку биле различни, а колку исти луѓето од одредено време. Тоа што ние го знаеме како историја е всушност романтизирана фикција. Тоа е една од убавите придобивки во правење на ваков филм“, изјави Манчевски.

Премиерата на Врба пред македонската публика ќе се случи во петок, на 1 ноември.