Глобалниот хуманитарен настан, кој е воедно и глобално најмасовен мотоциклистички собир, The Distinguished Gentleman’s Ride и оваа година беше успешно организиран и на Скопските плоштади и улици.
Околу 150 префинети и крајно елегантни дами и господа, трета година по ред продефилираа низ Скопските улици, во името на машкото здравје и добрите моторџиски манири.
За стартно одредиште на овогодинешното издание беше одбран прекрасниот плоштад Мајка Тереза, понудувајќи им беспрекорен амбиент на учесниците, како и на нивните метални љубимци.
Глетката на сончевиот Вардар и прекрасниот плоштад, на кој во три реда се поредени прекрасни и пред сè несекојдневни мотоцикли, во чија близина уредно се социјализираат 150 префинети учесници, се гледа само еднаш во годината, а според многумина токму оваа година таа гледка беше најимпресивна.
Прекрасната и лежерна атмосфера се прелеа и на Скопските улици и булевари, а за првата етапа беше одбрана насоката кон населбата Аеродром.
Попатно, уредната колона на прекрасни мотоцикли и дотерани мотоциклисти им донесе пријатно изненадување на затекнатите Скопјани, кои со насмевка ги отпоздравуваа учесниците. Финишот на првата етапа беше закажан на Градскиот Плоштад Македонија, а домаќин на регрупингот овојпат беше елегантниот ресторан LaTerrazza, каде точно на пладне, граѓаните на нашиот град можеа и одблиску да ги видат мотоциклите, и се разбира да промуабетат и со нивните сопственици.
Втората етапа продолжи преку најголемата атракција и симболот на Скопје, Камениот Мост, по што колоната се упати кон познатиот булевар Илинден за попатно да ја пренесе хуманитарната реч и на источниот дел од градот. Крајна делница на ова дефиле беше централниот булевар Партизанска, по кој колоната влезе во традиционално преполното Дебар Маало, а како крајна дестинација и овојпат беше скопското кафуле Casa Bar, каде убавата и лежерна атмосфера продолжи пратена од добра музика и уште подобро расположение.
За целиот овој настан да не преставува само убава слика, се погрижија и донациите кои ги собраа пријавените учесници, а кои оваа година ја достигнаа бројката 2.242 долари и кои повторно го ставија Скопје високо на листата на Балкански градови, а секако придонесоа во достигнувањето на зададената глобална цел – собирање на 6 милиони долари.
Собраните средства, во соработка со Мовембар фондацијата, повторно ќе бидат правилно распоредени во разните програми ширум светот кои ја третираат проблематиката на машките болест – ракот на простатата и самоубиствата кои се јавуваат како причина од оваа болест. Секако, милионските суми на собрани средства, од година во година бележат раст благодарение и на растечката бројка на учесници, кои оваа година ја достигна бројката 112 920, возејќи во 630 градови, односно 100 држави во свет.
Со нетрпение го очекуваме идниот DGR 2019, кој повторно ќе донесе многу елеганција и префинетост низ Скопските улици, со очекување дека ќе го надмине овогодинешното одлично изадние во сите сегменти.