Една од најангажираните и најзначајни уметници во светот, Тања Бругуера, денес во 19 часот ќе одржи предавање во Музејот на современа уметност. Нејзините дела ги нагласуваат општествените ефекти од моќта на политичката сила.
„Политичко времено специфично“ е насловот на предавањето што ќе го одржи светски позната уметница , обмислен со цел да се дефинира вид уметност, која е создадена да постои во одреден политички момент, кој на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание.
Со оглед на тоа што веќе не е доволно да се создава уметност како а постериори реакција или коментар, време е да се создава уметност за она што се уште не е случено и она што допрва треба да се случи.
Тања Бругуера има учествувано на култната изложба „Документа 11“ во Касел, Германија, има изложувано на Биеналето во Венеција во 2015 година, во Музејот на современа уметност „Тејт Модерн“ во Лондон, во музејот „Гугенхајм“ и во МОМА, Музејот на современа уметност во Њујорк…
Таа ја има основано и програмата за Бихевиорална уметност при Универзитетот за уметности во Хавана, а од неодамна го отвора Меѓународниот институт „Хана Арент“ за „артивизам“ во Хавана – како школа, изложбен простор и „тинк-тенк“ за уметници-активисти и кубанци.