Првата недела дома беше нешто како ненадеен заслужен одмор, втората веќе почна да нé копка зелениот црв на продуктивноста, односно недостаток на истата. Третата? Тука веќе голем дел почнаа да вежбаат дома, да истражуваат ново хоби, се развиваа разно разни вештини (зголемената побарувачка на машинки за бричење/шишање покажа позитивен наклон на кривата на фризери), Netfilx, книги, курсеви…

Сега сме некаде кон петтата или шестата недела? Кој знае. Како и да е, на принудниот одмор му се гледа крајот, а прашањето кое се поставува е „Која од новостекнатите навики и вештини треба да ги задржиме и кога нештата ќе се вратат во нормала?“

Несомнено, сите на различен начин се справија со седењето дома, интровертите не забележаа некоја голема разлика, но екстовертите се чувствуваа небаре некој им ги скратил крилјата. Но, сега кога имавме доволно време да се преиспитаме себеси, навистина би се вратиле на стариот начин на живот? Да, ни недостасуваат пријателите, кафаните, забавите, вискито на шанк и целосната слобода, но она на кое не научи ова нужно зло е дека нештата не треба да ги земаме здраво за готово. Токму затоа, новостекнатите вештини и сознанија треба да си ги задржиме и откако се ова ќе заврши.

навики

Готвење

Без разлика дали за време на карантинот станавте горд мајстор за слатки (да, се важат и оние полуготовите!) или само ја валкавте кујната излудувајќи ја сопругата (после 6-тиот пат кифличките излегуваат меки), дефинитивно доживеавте откровение дека има некоја катарза во готвењето.

Играњето со тесто има неверојатно смирувачки ефект, а задоволството дека сте направиле нешто вкусно во кое ужива вашето семејство, поттикнува посебна доза серотонин. И колку повеќе се усовршувате, толку позависни станувате. Еден час во кујна и како да сте биле изолирани од хаотичното секојдневие (плус чашата вино дур готвите дава посебен шмек на целиот ритуал).

Токму затоа, готвењето е нешто кое треба да продолжите да го правите и кога рестораните ќе работат со полна пареа. Сега кога научивте дека со многу малку состојки може да се направи магија, размислете два пати дали да јадете надвор. Плус, има нешто секси кога готвите заедно со вашата сакана.

Медитација

Конечно доволно време за себе! Што се 15 минути во денот за состанок со себеси? Секогаш кога ќе се најдете во хаос и дисбаланс, сетете се колку малку е потребно за да го смирите умот. Кога сте задоволни од себе ќе бидете задоволни и од другите. Замислете колку непотребни караници и стрес ќе избегнете доколку само се сетите да дишете!

навики

Креативност

Се сеќавате на самиот почеток на карантинот кога мал милион курсеви за се и сешто станаа достапни? Или на слободното време кое одеднаш ви овозможи да ги прочитате сите книги кои собираа прашина на вашата полица? Можеби конечно се уваживте да го усовршите јазикот кој го учевте во младоста?

Токму оваа жед за знаење и учење нови вештини која беше поттикната од фактот дека седите дома и се чувствувате непродуктивно, треба да ја одржите во живот и понатаму. Не само што ќе се чувствувате подобро излегувајќи од зоната на комфорот, туку и ќе направите нешто корисно за себе или за својот бизнис.

Усовршување на дигитален маркетинг не е нуклеарна физика, а е алатка плус која ќе ви помогне да направите нешто повеќе за бизнисот, или можеби запишувањето на новите идеи конечно ќе најде начин како да исплива на површна. А книгите, не потценувајте ја моќта на пишаниот збор, вештината на говорење па дури и убедување во конкретни ситуации се крие токму во богатиот речник и елоквентноста.

Вежбање од дома

Навиката да станете во 7 наутро и да се упатите во салата за вежбање пред да почне работниот ден, присилно беше прекината кога ги затворија теретаните. Моментот на параноја, дека излегувате од форма ве натера да импровизирате со различни реквизити со кои располагате по дома (гајба пиво, запрашеното вратило кое го чувате од средношколски денови…), а од огромна помош се најдоа и сите YouTube видеа за вежби од дома, инстаграм вежбачи, па дури и лиценцирани тренери со live видеа.

Можеби едвај чекате да се вратите во теретана, но ако размислите убаво можеби и не е лошо да инвестирате во опрема за вежбање и да продолжите да практивувате вежбање од дома. Замислете колку време и пари ќе заштедите, а ќе го добитете истиот ефект. Плус, никој нема да ви стои над глава за побрзо да ја ослободите справата за вежбање!

Работа од дома

Колку од вас, токму за време на карантинот за првпат се запознаа со благодетите на работењето од дома? Настрана од моментите кога се јавувавте дека сте болни и ќе работите од дома (болни од мамурлак и мрзеливо испружени на каучот само одговаравте на неопходните мејлови).

На почеток, секако ви требаше време за да се концентирате и да изменаџирате со трчањето на децата по дома баш во моментот кога имате онлајн состанок. Но, откако ја разбивте шемата, сфативте дека не секогаш мора да сте на работното место за да ја завршите работата.

Можеби и уште подобро ја завршувате во конфорноста на домот. Токму затоа навиката на одење на работа, после карантинот дефинитивно ќе се смени на светско ниво. Само неопходни посети на работното место и работа од дома. Освен, ако не ви недостигаат колегите се разбира.

навики

Средување

Карантинската брада изледа баш секси и никој не го оспорува тоа. Но признајте дека секојдневната рутина сега има нов тек. Научивте како сами да ја потстрижувате брадата, па дури и косата. Сфативте зошто жените толку инвестираат во козметика за лице и каква магија знае да направи една обична маска за лице.

Плус, имавте доволно време да одвоите за повеќе од еден спа ден во неделата. Кога ќе се вратите во нормалниот тек, не заборавајте да ги оджувате и овие новостекнати откритија. Грижата за себеси треба да ви е на прво место, без разлика дали тоа значи дека ќе поминете 15 минути со маска на лице, дали ќе вклучите нов производ за нега на кожа во класичните 3 во 1 препарати или ќе одвоите еден час за лежење во када полна пена (двојна добивка е доколку запалите свеќи, земете вино и ја поканите саканата со вас).

Учење од дома

Не! Дефинитивно не! Децата назад во школо, додека начисто не сме полуделе!

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Пишува: Т. К.