“Верувам во свесен и личен избор, верувам во превземањето одговорност и верувам дека секој од нас сам ја гради кулата со картите кои што му се поделени”
Некои приказни немаат почеток. Некои приказни едноставно се случуваат. Еден миг, една средба, беа сосем доволни да Мими Поп-Алексова се препознае во балетот, а и тој во неа.
Љубов на прв поглед за посветеност цел живот. Со талент достоен за светските балетски сцени, со страст во играта која зрачи, ќе ве маѓепса на сцената ,но со својата спонтаност, природност и приземност ќе ве освои зад неа.
ММАГАЗИН: Кога станавте свесни за моќниот дијапазон на движења на телото? Кога се роди балерината во Вас?
Уште како дете важев за многу темпераментно, немирно, своеглаво девојче, кое буквално никогаш не можеше да застане на едно место. Очигледно тоа се главните атрибути кои се пресудни кај еден родител да го запише детето на спорт, првенствено да ја потроши некаде својата енергија. Таков беше и мојот случај.
Татко ми ме запиша на спортска гимнастика со која се бавев до мојата петнаесетта година. Тогаш се најдов на една животна раскрсница, каде што тогашните првенци на балетот Зоја и Зоран Велевски, ми помогнаа да се одлучам за патот по кој и ден денес чекорам.
Се запишав во средното балетско училиште и во тој момент станав свесна за големиот дијапазон, на пред сè физичката подготвеност за обуката која што следеше. Имав среќа да учам во класата на Елисавета Кушевска и за многу кратко време успеав да го совладам поголемиот дел од балетскиот вокабулар и понатаму делата во балетскиот репертоар.
ММАГАЗИН: Несомнено сите девојчиња сакаат туту, но само екстремно мал број ќе успеат да го облечат на сцена. Што сè е потребно за да се сретнат балетанките и сцената?
Несомнено скоро сите девојчиња во еден период од детството, сакаат да бидат балерини, принцези, да носат балетски фустанчиња, дијадеми… Меѓутоа балетот е професија која што бара многу жртви, многу голема посветеност, истрајност и љубов кон истата.
Треба да ги имаат потребните предиспозиции, како еластичност, координираност, музикалност, енергичност и да можат да ја поднесат болката која ја носи оваа професија.
ММАГАЗИН: Верувате ли во судбинска предодреденост или само во склоп на околности?
На луѓето кои што не веруваат во себе, убаво им е кога веруваат дека некоја мистична сила ги создава и движи околностите во кои што се наоѓаат и дека таа ќе се погрижи за нив доколку нешто скршне од патот.
Меѓутоа НЕ, јас не верувам во тоа. Верувам во свесен и личен избор, верувам во превземањето одговорност и верувам дека секој од нас сам ја гради кулата со картите кои што му се поделени. Верувам во среќа, верувам во грешки и во добар и лош „тајминг“. Во моментот на нашите одлуки, лежи нашата судбина…
Колку е поголема способноста на играчот, колку е поголем и артикулиран дијапазонот на способностите и предиспозициите што ги има, толку повеќе може „ да даде“, да раскаже на сцената.
ММАГАЗИН: Актерот го има зборот, на балетскиот играч му е дадено само телото како експресија. Настрана од талентот и техниката колку сензитивноста игра улога во градење на ликовите и колку таа е видлива во нијансирање на играта? Што го одвојува врвниот играч од одличниот?
Додека актерите и оперските пеачи го имаат својот глас, поетите ги користат зборовите, а сликарите боите, нашиот основен алат за комуникација е телото. Мата Хари рекла „Танцот е една поема, каде што секое движење е збор“.
Колку е поголема способноста на играчот, колку е поголем и артикулиран дијапазонот на способностите и предиспозициите што ги има, толку повеќе може „ да даде“, да раскаже на сцената.
Сите балетски играчи имаат основен балетски вокабулар на движења кој го користат во играта, меѓутоа големите танчери се издвојуваат не само по техничката подготвеност, туку и по својата емоција, личност, можноста да ја совладаат кореографијата, а воедно да ја интерпретираат на свој начин, оставајќи печат и допирајќи до публиката.
ММАГАЗИН: Вашиот талент е веднаш препознаен, брзо го достигнувате врвот, работите ли сèуште на надминување на сопствените лимити?
Доколку мислите на врвот како статус, да. Јас сум веќе петнаесетта сезона во театарот а веќе шест години сум првенка во балетот. Меѓутоа не мислам дека некој може да го дистигне врвот во нашата професија. Балетот бара постојан напредок, постојано изучување, пронаоѓање на самиот себе си, созревање…
Тоа е уметноста и убавината во неа. Предизвик е секоја нова улога, нова претстава, секогаш можеш да дадеш нешто повеќе, секогаш има грешки кои треба да се поправат, секоја интерпретација за мене е различна од претходната со стремеж кон надминување на сопствените ограничувања.
ММАГАЗИН: И покрај можностите за градење кариера надвор, МОБ останува ваша постојана матична куќа. Сметате дека вашите капацитети се доволно искористени?
МОБ секогаш ќе биде мојата матична куќа, го сакам нашиот балет, нашиот ансамбл, но сметам дека со побогат и поразнобоен репертоар не само моите, туку и можностите на сите млади танчари во него би дошле до поголем израз.
ММАГАЗИН: И додека некои балерини одат до таму да се откажат дури и од мајчинство заради очувување на фигурата, Вие се вративте во форма по само еден месец со двојна среќа но и двојни обврски. Како успеавте?
Тука би била искрена и би ве поправила, не, јас не се вратив во форма по само еден месец, тоа е процес кој вообичаено трае подолго и јас воопшто не бев исклучок. Сепак, природните предиспозиции, конституција на тело, здрава исхрана, но и обврските кои ги носи одгледувањето на близнаци малку го подзабрзаа тој процес.
Се разбира моето брзо враќање на сцена беше поттикнато од љубовта кон она што го работам, а би било невозможно без поддршката од моето семејство и љубовта кон моите деца.
ММАГАЗИН: Современата жена има покомплексна улога од било кога. Станува ли тоа кај жената уметница поизискувачко и покомплицирано?
Се разбира. Во денешно време сèуште поголем дел од обврските во домот и околу децата се на грбот на жената, кога на тоа кога ќе додадете професија како што е мојата, тоа е навистина голем предизвик.
Да избалансирам сè во денот е секогаш голема битка и трка со времето. Јас ги имам поставено своите приоритети во животот, а тоа се моите деца и иако многу ја сакам мојата професија, семејството секогаш ќе ми биде на првото место, таа е местото од каде што ја црпам енергијата и како уметник и како жена.
ММАГАЗИН: Каде правите комромиси, а во што не отстапувате?
Тешка сум за компромиси… Своеглава сум и секогаш кога правам компромис за нешто, мислам дека губам дел од себе. Сепак, кога се работи за домот, и личностите кои ги сакам знам понекогаш да направам компромис за некои работи, знам да ги разберам луѓето, знам да сочуствувам, да се адаптирам на одредена ситуација, но кога се работи за нешто што ми е многу битно не отстапувам, особено во мојата професија.
ММАГАЗИН: Среќата во теорија и среќата во пракса не се секогаш кооперативни. Кој е Вашиот калап за среќа?
Среќата е состојба на умот. Не постои универзален калап, рецепт за среќа, сите не прават среќни различни нешта, понекогаш тие се ситни и безначајни за другите, но нам лично ни го поместуваат светот. Среќна сум во природа, мирисот на земја и растенијата, здравјето и насмевките на моите деца ме прави среќна, ме прават среќна нови проекти, задоволната публика, патувањата, музиката, итн.
Уметноста има моќ да не придвижува и трансформира, таа има моќ да ја разбуди имагинацијата, која ни овозможува да видиме како светот може да се промени за да биде подобар за себе и за другите.
ММАГАЗИН: Ако уметноста ги облагородува луѓето, колку е важно таа да им се доближи на поголем број на луѓе. Дали може да влиае врз лошотијата?
Според истражувањата во психологија непосредниот контак со уметност предизвикува емпатија. Таа започнува да се гради и развива уште во нашето детство преку детските книги, претстави, а потоа музика, филмови, романи, поезија и визуелна уметност, на тој начин низ уметничките светови кои им припаѓаат на другите, тие веднаш стануваат наши.
Уметноста има моќ да не придвижува и трансформира, таа има моќ да ја разбуди имагинацијата, која ни овозможува да видиме како светот може да се промени за да биде подобар за себе и за другите.
ММАГАЗИН: Патувањата како процес или дестинација?
Се разбира патувањето е секогаш пред дестинацијата, тоа е процес на кој што му претходи внимателно планирање, потоа е самото патување, доживувања, нови места, луѓе… Некои ги среќаваме само на тоа патувања, а сепак оставаат трага во нашите спомени, други пак остануваат наши сопатници и во други патување, во патувањето наречено живот.
ММАГАЗИН: Ова се можеби најтешки времиња за воспитување деца. Помеѓу искривената реалност и вредностите на кои родителите се изградени, стои среќата која му ја посакуваме на своето дете. Како се снаоѓате во желбата од своите деца да оформите здрави личности?
Секој период носи свои предизвици. Сметам дека моите родители ме научиле на вистинските животни вредности и истите тие се обидувам да им ги пренесам на моите деца. Ги учам да бидат вредни, самостојни, да почитуваат, но и сами да се борат за она што им е важно за да може самостојно да запливаат во водите на бурните времиња.
ММАГАЗИН: Каков свет посакувате како иднина на своите деца?
Посакувам свет во кој што ќе се цени знаењето, талентот, чесноста и искреноста. Посакувам свет во кој што ќе можат да го кажат она што го мислат, и се разбира свет кој што ќе биде многу по зелен и чист од овој сега.
ММАГАЗИН: Каква е Вашата визура за македонските мажи?
Не се согласувам дека постои категорија „македонски“ маж. Секоја жена посакува маж кој е среќен, маж кој е успешен, воспитан, самостоен, маж кој е задоволен од самиот себе. Маж кој се почитува самиот себе си, родителите, својот живот, својата жена, а не мажи кои чекаат сè од своите родители, а потоа и од своите жени. Мажи кои се посветени на семејството и семејните вредности
ММАГАЗИН: Преку желбите и плановите какви слики ви ја бојат иднината?
Искрено не сум човек кој што планира до детали за иднината однапред. Сосема природно, имам очекување на семеен и професионален план. Посакувам пред сè здравје и хармонија во семејството, а во однос на работните ангажмани, посакувам нови убави продукции кои ќе го збогатат репертоарот, ќе наидат на убави критики од публиката, а ние како уметници ќе уживаме во креирањето на нови и возбудливи дела.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.