Mакедонски уметник, сликар, графичар, дизајнер и активиста, Зоран Кардула e еден од оние ретки урбани ликови кои со својата појава, размислување и делување му даваат алиби на Скопје како урбана средина. Оние на кои им се радуваме како на колоритна точка во сивилото на унифирмираната, унифицирана толпа. Неговиот изглед е резултат на стилот кој го негува и во кој се чувствува свој, на што инсистира. Како и секој со изграден стил смета дека модата и трендовите треба да ги прилагодите на себе, а не обратно.

„Не сум зависник од брендови, но секако сакам тоа што го носам да е квалитетно“.

Сосем разбирливо е дека како уметник има посебен однос кон деталите и фактот дека тие откриваат многу. Тие детали го одредуваат неговиот стил кој е современа интерпретација на вредната класика. Тука се стари рачни часовници и секако алки. Некои од алките кои ги носи се негов дизајн.

Зоран КардулаТетоважите се исто така дел од неговата посебност. Секоја тетоважа има своја приказна и сè е поврзано со нешто значајно од неговиот живот. Тоа не е само цртеж на кожа туку значи многу повеќе. Вели дека е точно е дека ако еднаш се истетовирате, нема да останете само на таа една тетоважа.

Но изгледот се разбира е одраз на сопствената животна филозофија, па искреноста кон себе преовладува и тука. Се потпира на чесност и работливост и верува дека работата го облагородува човекот.

„Да се биде чесен и да се оди со исправена глава за мене е непроценливо. Ме загрижува и истовремено ме нервира некултурата и отсуството на домашно воспитание кај нас“.

Во својот поглед на светот се смета за комуниста, па иако можеби звучи утопистички тој сепак верува во таа идеологија на еднаквост, слобода, права и свет без предрасуди. Од тука и поттикнатоста за значајно учество во граѓанскиот активизам.

Љубител е на старини. Растел во Крушево и се оформувал меѓу нив и најверојатно од таму и потекнува оваа наклонетост.

„ Низ минатото некои од моите предци биле влијателни и на одредени позиции кои им давале можност да живеат малку побогато од тогашниот просек. Горд сум на нив како и на фактот дека секогаш биле на правата страна и помагале на оние кои имале потреба“.

Со оглед дека е голем љубител на уметноста и филмот, големо влијание на него ќе имаат Дали, Тамара де Лемпицка, Фрида, Фелини, Буњуел и Коча Поповиќ. Нивната филозофија и уметничката влијателост врз него може да се насети во неговите дела, начинот на размислување и воопшто истапувањето како личност.

А неговите желби и планови се: да се најде соодветен и ефикасен третман за аутизмот, да посетат некои места како на пример Санкт Петерсбург и да отвори сопствена галерија.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.