Автомобилскиот гигант Porsche, заедно со еден од најголемите производители на авиони Boeing ги здружуваат силите за летање високо во небото. Буквално! Компаниите ги истражуваат можностите и пазарот, урбаниот сообраќаен простор да го прошират во небеските ширини. Тоа имаат намера да го постигнат со електричниот летечки автомобил.
Од она што досега го објавија компаниите може да се види дека станува збор за футуристички мини авион каков што би можеле да забележите во некој научно фантастичен филм.
Инжењерите на американската и германската компанија ќе работат заедно во изработка и тестирање на ова возило.
На почетокот на изминатава година, Boeing успешно го тестираше својот автомомен летечки автомобилски прототип наречен PAV (Passenger Air Vehicle). Сè уште не е јасно дали новиот електричен летечки автомобил ќе произлезе од прототипот PAV.

Што се однесува до Porsche, извршниот маркетинг директор Детлев вон Платен изјави дека компанијата работи кон проширување на пазарот од производител на спортски автомобили кон бренд посветен на премиум движење. „На долги стази ова може да значи откривање на уште една димензија во патувањето.“
Од компании како Porsche и Boeing не може да се очекува ништо помалку од врвно и прецизно инжењерство, беспрекорен стил, првокласна иновација и проширување на видиците во поглед на урбаниот начин на транспорт.
Според податоците од истражување од 2018, воздушниот автомобилски пазар ќе започне во 2025, што значи дека ќе си почекаме пред да го видиме првиот летечки електричен автомобил во воздухот.