Германскиот производител пред извесно време најави дека во понудата за Taycan ќе воведе и караванска верзија која ќе го понесе називот Porsche Taycan Cross Turismo. Првично најавен со Mission E Cross Turismo концептот, кој наскоро ќе ја прослави својата тригодишнина, Porsche Taycan Cross Turismo ја доживеа својата премиера.

 

CUV режим за оф-роуд доживувања

Новиот електричен караван на Porsche ќе понуди поголем багажен капацитет во споредба со седан верзијата (1.212 литри) и дополнителен простор за главата за патниците на задната клупа, благодарение на продолжената покривна линија. Она што исто така Cross Turismo го добива во однос на стандардниот Taycan е повисокото ниво на поставеност на самиот автомобил (30 милиметри повеќе со Off-Road Design пакетот), односно поголемиот клиренс, кој му овозможува на автомобилот да совлада повеќе различни терени.

Благодарение на воздушниот систем на потпирање кој доаѓа како стандарден, караванскиот Taycan ќе добие и адаптивно подесување на висината на возилото, а исто така ќе добие и CUV (Cross Utility Vehicle) режим на возење, соодветен за оф-роуд предизвици.

Четири варијанти на стартот

Исто така, новиот Cross Turismo добива и погон на сите четири тркала како стандард кај сите верзии. Сите верзии пристигнуваат со поставка со два електромотори кои се напојуваат од 93,4 kWh батерија и пристигнуваат со двостепена трансмисија. Зависно од верзијата, автономијата на движење варира од 388 до 456 километри според WLTP циклусот. Базичниот Cross Turismo 4 испорачува 375 КС, односно 469 КС и 500 Nm вртежен момент со активирани Overboost и launch control. Забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за 5,1 секунда, а максималната брзина е 220 километри на час. Cross Turismo 4S верзијата нуди до 571 КС и 650 Nm во Overboost, односно 482 КС без овој режим. Toa е доволно за спринтот до стотка да се достигне за 4,1 секунда, додека максималната брзина е 240 километри на час.

Cross Turismo

Најагилните верзии ќе бидат Turbo и Turbo S, со 680 и 850 Nm, односно 761 КС и 1.050 Nm со користење на Overboost функциите. Од нула до 100 км/ч Porsche Taycan Turbo Cross Turismo стигнува за 3,3 секунди и 250 километри на час, додека Turbo S верзијата до „стотка“ стигнува за 2,9 секунди, додека максималната брзина останува иста.

Практичност и перформанси

Со оглед на својата каросериска изведба, новиот Porsche Taycan Cross Turismo успева да ја комбинира практичноста со перформансите. Силуетата е дефинирана од спортската покривна линија која опаѓа кон крајот на автомобилот. Тука се и „оф-роуд“ дизајнерските елементи кои вклучуваат и заштитни облоги над тркалата, уникатни долни заштитни облоги напред и назад и странични прагови.

Ентериерот содржи контури кои се препознатливи кај Taycan седанот, како што е заоблениот дигитален инструмент кластер, а до него е централниот 10,9-инчен инфозабавен екран. Како опција може да се добие и екран наменет за совозачот, а на врвот на централната конзола е инсталиран компас во комбинација со Off-Road Design пакетот.

Taycan Cross Turismo

Напредна технологија

Кога станува збор за полнењето, купувачите ќе можат да ја полнат батеријата со полначот од 11 kW како стандарден. Како опција се нуди и полначот со капацитет од 22 kW. Со полнење на брз полнач, Taycan Cross Turismo добива 100 километри автономија со полнење од само пет минути.

Taycan Cross Turismo

Новиот Porsche Taycan Cross Turismo ќе пристигне во продажно изложбените салони во текот на престојното лето. Цените во Германија ќе почнуваат од 93.635 евра.