Откако го лансираше својот прв целосно електричен автомобил Polestar 2, шведскиот производител сега прави нов, голем чекор за својата иднина. Компанијата Polestar го најави првиот климатски неутрален автомобил, што е огромен чекор за шведскиот производител.

Наречен Polestar 0, проектот ќе биде материјализиран до крајот на деценијата и комплетно ќе ги елиминира емисиите, наместо да ги неутрализира со засадување на дрвја, кои потоа можат да се сечат, да бидат уништени од пожар или погодени од климатските промени.

„Неутрализирањето e само избегнување на проблемот. Со желбата да создадеме целосно климатски неутрален автомобил, ние сме принудени да посегнеме над она што е возможно денес. Ќе мораме да доведеме во прашање се, да бидеме иновативни и да се насочиме кон експоненцијални технологии при дизајнирањето на вакви автомобили“, изјави извршниот директор на компанијата Томас Ингенлат.

Намалувањето на сите емисии од производствениот процес во Polestar, бренд во сопственост на Volvo, го гледаат како „историско и возбудливо време за производителите на автомобили“.

Автомобилите ќе добиваат етикета за карбонски отпечаток

„Ние сме електричен бренд, па не мораме да се грижиме околу моторите на внатрешно согорување кои произведуваат токсични емисии – но тоа не значи дека нашата работа е завршена. Сега ќе работиме на тоа да ги отстраниме сите емисии што произлегуваат од производството“, вели Фредрика Кларен, шефот за одржливост во Polestar.

Забрзувањето на Polestar кон вистинска иднина без јаглерод диоксид, исто така, ќе има влијание врз Polestar 2, кој треба да биде првиот модел во индустријата кој ќе биде обележан со етикета која го покажува карбонскиот отпечаток и ризични материјали. Инспирирано од декларациите за одржливост во прехранбената индустрија, специјалното обележување на нивните официјални веб страни и продажните салони ќе бидат усвоени од страна на престојната постсава на Polestar.

„Клиентите се голема движечка сила во насочувањето кон одржлива економија. Тие треба да ги добијат вистинските алатки со цел да направат информирани и етички одлуки. Ова ги прави работите многу јасни. Денес, Polestar 2 ја напушта фабриката со карбонски отпечаток. Во 2030, сакаме да претставиме автомобил кој ќе го нема тоа“, изјави Ингенлат.

Превземено од avtoplus.mk