Повеќето хоспиталити групации ги зголемуваат напорите да бидат еколошки. Па така и Катар, како позната земја во таа индустрија претстави концепт на пловечки еко-хотел, дизајниран од турската компанија Hayri Atak Architectural Design Studio (HAADS). Уникатноста на овој објект е тоа што дизајнот е правен по принципот на „минимална загуба на енергија и нула отпад“, со што структурата генерира електрична енергија ротирајќи ја својата позиција во согласност со водата.

Во суштина, овој концепт ја позајмува идејата на динамо, користејќи мрежа на придвижувачи и пропелери, кои се контролираат од системот за динамичко позиционирање. Но и покрај фактот дека објектот се движи, гостите нема да почувствуваат никаква непријатност, бидејќи на имотот му требаат 24 часа за да заврши еден цел круг. Дополнително, пловечкиот еко-хотел исто така ќе генерира енергија преку соларни панели и ветерници, а како додаток на одржливата мисија на имотот, хотелот е дизајниран и со стаклен покрив во облик на вртлог за собирање на дождовница која ќе се користи за наводнување.

Луксузот воопшто нема да недостига. Па така објектот се протега на 35.000 квадратни метри, со 152 апартмани кои имаат приватни балкони. Џиновски стаклен атриум ќе го краси центарот. За пристап до хотелот гостите ќе можат да користат копно, брод или хеликоптер. Иако е во фаза на дизајн, се предвидува објектот да биде завршен до 2025 година.