СЕ НАУЖИВАВ СО ОНА ШТО ГО ПРАВЕВ, ПА АКО ДОШЛО ВРЕМЕТО БАРЕМ СРЕЌЕН И ИСПОЛНЕТ ЌЕ ПОЈДАМ НА НАЈДОЛГИОТ ПАТ

Роден со оган под звездите, Петар Георгиевски-Камиказа во своите пет децении животен век ќе напласти животно искуство за пет животи и животни анегдоти за уште толку мемоари.

Бунтовник секогаш со причина, енергичен и своевидно ексцентричен, без скрупули и лажни куртоазии секогаш ќе тежнее кон слободно искажана мисла, без разлика која е цената која би ја платил за тоа.

Низ животните лавиринти ќе се движи со страст на Петар Георгиевски-Камиказа (во превод Божји ветер), оправдувајќи си го својот прекар без остаток или можеби уште поочигледно прекарот ќе го оправдува него.

Несуден режисер, актер по вокација (во својата релативно кратка но извонредно плодна актерска кариера ќе одигра забележителни улоги покрај некои од најголемите актерски имиња во тогашна Југославија, музичар по дарба (основач на легендарната група „Меморија” и текстописец на исто толку легендарните текстови), моторџија по страст (со минати десетици илјади километри од Норвешка до Кападокија) и животно пасиониран спортист ( со медали од младоста, но и сериозен куп на истрчани маратони низ светот – од Скопскиот до најголемиот во Њујорк) тој е еден од оние урбани ликови кој остава траен човечки белег врз градското живеење.

Како што вели – ”Еден од купот ликови кои го формираа културното и градско ткиво кое не беше само пијанчење, трачарење и создавање на лажни вредности.”

Петар Георгиевски-Камиказа

ММАГАЗИН: За тоа колку до сега е задоволен од режијата на сопствениот живот и дали му се остварени детските соништа ќе рече:

– Сеуште сум дете и не сум ги сумирал резултатите од тоа што сум го правел, напротив имам да правам уште многу интересни работи, доколку се разбира дедо Боже тоа го дозволи. Се надевам дека ќе бидете навремено информирани со моите лудории кои ќе следат.

Еве за вашето списание да откријам дека во подготовка се две книги, едната ќе носи наслов „ФЕЈСБУК БУК” а за другата „Бела Книга”, ќе треба повеќе време, но се надевам дека ќе го види светлото на денот.

ММАГАЗИН: Колку богатото животно искуство всушност, ги зацврстуваше или пак разнишуваше Вашите животни ставови и принципи? Што е она од што никогаш не сте истапиле?

– Животното искуство се стекнува со љубопитност на сè она што не опкружува и не прави среќни, но да се разбереме, тука не се само успесите и веселите моменти, тие се многу ретки и за нив е потребно многу работа, солзи и пот. Да резимираме, не е важно колку пати сте паднале, важно е колку пати сте станале.

Некаде на врвот се стигнува, но многу тешко се останува на него. Принципите и ставовите се работи кои низ животот се менуваат и прилагодуваат на новонастанатите ситуации, некогаш не водат до успех, а некогаш до заблуда. Јас лично во животот не сум се трудел да бидам принципиелен бидејќи тоа ќе ме ограничуваше да не можам да гледам со отворено срце и душа напред, а ставовите како на пример националните се непроменливи.

Петар Георгиевски-Камиказа

ММАГАЗИН: Ако спортот бара дисциплина, а уметноста(креативноста) слобода, како успевавте да ги синхронизирате ваквите сопствени поларитети?

-Напротив, спортот се надоврза на креативната слобода и токму овие две работи ме следат низ животот, како плусот и минусот, како позитивното и негативното, како среќните и тажните моменти. Едноставно не би можел да го замислам мојот животен пат без дисциплината, креативноста и слободата.

ММАГАЗИН: Триумфалниот камбек концерт на „Меморија” од оваа страна на бината значеше потврда за трајната вредност на делото, но и ликот на бендот. Во исто време беше и потврда за извонредната кондиција на членовите и покрај децениската пауза. Каква потврда и мотив Вие баравте во идејата за концертната реинкарнација?

-Еден мој пријател кажа дека Меморија го положи најтешкиот испит, филтерот на времето. После 25 години да ги слушате од пет илјадната публика песните што сте ги напишале, во еден глас, е безмалку привилегија на малкумината, дури и јас како најголем оптимист не очекував ваков фидбек, едноставно она што го гледавме одозгора изгледаше брилјантно, совршено и безмалку не реално, а сепак се случи.

Луѓето од тој концерт излегоа со три подароци и исти зборови, емоции, енергија и солзи. Се надевам дека ќе смогнеме сили да го повториме ова искуство кое патем беше ускратено на многумина, што од неможност, што од немање поголем простор да уживаат во тричасовното шоу на Меморија. Овој пат се надевам дека тоа ќе биде на многу поголем простор и ќе биде празник за сите.

ММАГАЗИН: Со сјајни можности за живот во многу поудобни локации, и покрај сите неповолности, Скопје сепак останува Ваш матичен град. Што и пресуди на таквата одлука?

-Мајка ми и и татко ми се дојдени од Егејска Македонија и лично јас и моите деца немаме намера повеќе да се селиме, тука сакаме да пуштиме корен и да векуваме. Едноставно животот полн со премрежја треба да го сватиме како борба за подобро утре на нас, нашите деца, внуци, правнуци итн.

Ако една битка е изгубена никогаш не значи дека војната нема да се добие, едноставно припаѓам тука со целото свое срце и душа. Сум имал многубројни можности да живеам надвор, но едноставно секогаш срцето и душата ми биле тука. Тука се родив, тука ќе умрам.

Петар Георгиевски-Камиказа

ММАГАЗИН: Маратонот кој за многумина е непоимлива физичка активност за Вас е пркос кон возраста или пркос кон стереотипите и предрасудите?

-Бидејќи сум медиумскии експонирана личност, на многумина им изгледа ова моево спортување како нешто екстремно, но да напоменам дека многу постари од мене прават неверојатни резултати и се попосветени од она што јас го правам, така да спортот (маратонот) допринесе само да запознаам слични и подобри од мене луѓе, а меѓу другото точно е дека мотивирав еден куп помлади луѓе да почнат да се бават со спорт и да доживеат неверојатни моменти од благодетите што спортот ги носи.

ММАГАЗИН: Колку овој животен стадиум на релаксираност по прашањето на реализираност е всушност генератор на нова креативна енергија (нови текстови, нова музика, можеби нови актерски улоги )?

Секогаш сум отворен за соработка со нови лица и режисери. Ако добијам сериозна понуда за театар или филм, зошто да не, хахаха. Околу музиката, имам неколку готови песни и доколку смогнеме сили да се собереме, како што погоре реков се надевам дека во оваа и наредната година повторно ќе се дружиме сите заедно.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.