Изграден во 19 век според спецификациите на Карол Први, првиот романски крал, замокот Пелеш е олицетворение на естетскиот дух на монархот, комбинирајќи ја германската и италијанската неоренесанса. Во текот на 40те години изградба, стотици градители, уметници и резбари го создале еден од најубавите замоци во Европа.

Неоренесансното ремек дело почнало со изградба во 1873 година. Денес оваа поранешна кралска летна резиденција е една од омилените туристички атракции. Посетите се одвиваат со задолжителна 40 минутна обиколка, додека фотографирањето е забрането (со доплата од 32 леи се дозволува фотографирање, но репродукција на сликите е забранета). Внатрешноста на замокот е сама по себе импозантна – ниту еден агол не е оставен празен од свилени рачно ткаени килими, до мурано стакло, резбан орев и полиран мермер.

Во моментот кога тогашниот се уште не крунисан крал Карол Први (со потекло од Германија) ја посетил Синаја, локацијата каде денес се наоѓа прекрасниот замок, бил фасциниран од зачудувачката глетка на Карпатите кои го опкружуваат. Темелите ги удира на 22 август 1873 година, во форма на ловечка куќа и летна резиденција за романското кралско семејство.

 

Замокот е дизајниран од германскиот архитект Јоханес Шулц, во неоренесансен стил кој фузирал бројни одлики на класични европски стилови. Покрај замокот биле подигнати и други градби кој до тогаш не биле својствени за Европската архитектура – сопствена електрична централа која го снабдувала дворецот со електрична енергија, зградата „Економат,“ кралските штали и ловната ложа „Фоизот“.

Подоцнежните додатоци биле изградени помеѓу 1893 и 1914 година од страна на чешкиот архитект Карел Лиман. Она што е специфично за Пелеш е фактот дека истиот е првиот замок во Европа целосно напојуван со локално произведена електрична енергија, со систем изграден во 1884, централно греење во 1897, систем за топла и ладна вода и малечок лифт за кралското семејство. Изградбата завршува во 1914 година, а останува кралска резиденција се до 1947 година.

По присилното абдицирање на кралот Михаил Први, Пелеш бил запленет од комунистичкиот режим, заедно со целиот имот на кралското семејство. Во 1948 година, целиот имот бил затворен, а дел од големата колекција на уметнички дела биле преместени во уметничкиот музеј во Букурешт. Замокот Пелеш за време на владеењето на комунистичкиот режим бил отворен како музеј и истиот останува како таков се до 1975 кога повторно бил затворен поради влошување на состојбата во државата.

Помеѓу 1975 и 1989 година, замокот постојано се обновувал и бил користен од комунистите за престој на шефовите на државите кои доаѓале во посета на Романија. По романската револуција во 1989 година, замокот повторно се отвара за јавноста, а во 2007 година се враќа во сопственост на кралското семејство, односно на кралот Михаел. Денес овој замок се проценува на вредност од 120 милиони долари.

 

Ентериериот и екстериерот на Пелеш

Внатрешниот двор, со својот средновековен дух ги носи посетителите во минатото. Портата на „Суверените“ го отвора патувањето во замокот, додека монументалните мермерни скалила водат кон „Почесната сала“ официјалниот простор за прием кој во своето златно време служел за прием на кралски гости – царот Франц Јозеф и јапонскиот престолонаследник. Замокот Пелеш бил домаќин и на бројни уметници како Жак Тибо и Жорж Енеску – пријатели и гости на романската кралица Елизабета сопругата на кралот Карол, која и самата била вљубеник во уметноста и писателка.

Импресивниот замок се простира на површина од 3.200 квадратни метри, со 160 простории кои воодушевуваат со својата убавини и софистицираност. Најпознатата од нив е „Големата соба со оружје“, во која се сместени најдобрите колекции на оружје и оклопи, со над 4.000 парчиња оружје, собрани или добиени како подарок главно од Западна и Источна Европа, но и од други делови на светот. Внатрешноста на замокот, особено главната сала, е прекрасно украсена со изрезбано дрво, а витражите даваат дополнителен симбол на елеганција и софистицираност.

 

Друг извонреден дел од замокот е Кралската библиотека, која е дом на уникатни ракописи украсени во злато. Голем дел од собите во замокот се уредени тематски, односно да личат на стиловите на уредување на различни култури од целиот свет. На пример, во „Почесната сала“ ќе забележите швајцарски и германски дел од инкрустирано дрво – изработено специјално за кралот да се чувствува како дома и да го потсетува на својата татковина.

Поминувајќи низ ирачките теписи и алабастерски библиски сцени ќе нурнете во „собата со оружје“ која има и ориентален дел со ориентално оружје. Портретната соба и библиотеката даваат слика за угледниот живот на кралскиот пар. Библиотеката има таен премин кон горниот дел на замокот. Исто така импресива е мавеританската трпезарија полна со месинг ламби и бисерни ѕидови.

Мебелот во музичката соба е направен од тиково дрво, подарок за кралот Карол Први од махараџата од Капуртала во Индија, додека рачно изработените везови од свила ги красат таванот и ѕидовите на „турскиот салон“. Сликите на таванот и украсните фрески во „театарската сала“ ги дизајнирале реномираните австриски уметници – Густав Климт и Гранц Мац, а токму во оваа сала со 60 седишта била презентирана првата филмска проекција во Романија во 1906 година.

Токму поради својата извонредна архитектура и уметничката вредност на експонатите што ги поседува, замокот е еден од најелитните споменици во Европа и светот. Кралот Фердинанд кој го наследува Карол Први, го гради помалиот замок „Пелизор“ во истиот комплекс, кој со својот „art-nouveau“ стил ја надополнува величественоста на Пелеш. Брои околу 70 соби со единствена колекција на виенски мебел и стакларија „Тифани и Лалик.“

 

Керамичка колекција

Изложбата на керамика содржи над 5.000 парчиња сервиси за јадење, подни плочки и порцелан собрани од најголемите европски уметници и керамички центри на 19 век. Оваа изложба е основана од кралицата Мари во периодот од 1914 до 1927 година. Меѓу уметничките дела се наоѓаат кинески вазни од 18 и 19 век, јапонска керамика од големите работилници на Атари и Сатсума, персиска керамика од 17 и 18 век и европска уметност од Париз, Лондон и Виена.

Колекција на часовници

Во текот на својот живот кралот Карол, бил особено познат по својата точност. Изложбата на часовници во Пелеш, прикажува над 50 часовници во различни стилови и типологија, од приватната кралска колекција. Истата вклучува – стоечки часовници со тегови, часовници со нишалки, камин часовници, будилници, џебни часовници и многу повеќе.

Голем дел од нив припаѓале на кралот Керол Први, но во колекцијата има и парчиња кои им припаѓале на кралицата Мари, кралот Карол Втори и кралот Михаел. Повеќето часовници датираат од 19 век, но колекцијата вклучува и часовници од 18 и 20 век.

Скриените подземни премини и скали кои се претопуваат во стрмните падини на планината даваат комлетна слика на величествениот амбиент. Исто како во замоците од бајките, шкафчињата не се отвораат во гардеробери, туку во величествени апартмани кои ги задоволуваат сетилата на љубителите на естетиката.

Саксанското влијание се забележува на фасадите на внатрешниот двор кои имаат богат орнаментски лик, кој потсетува на алпската архитектура во Северна Европа и алегоричните рачн насликани мурали. Кралот Карол инсистирал замокот Пелеш да биде гостопримлив за секој кој ќе сака да му се восхитува одблизу и да ужива во неговата атмосфера и прекрасниот поглед на планините.

Токму затоа, паркот и терасите на замокот го опкружуваат цветни леи и фонтани, бедеми, павилјони, галерии и балкони прекриени со бршлен. Затоа, не ни чудо што секој што ќе го посети Пелеш вели дека е еден од најубавите замоци во Европа.