Педикир не е само начин жените да ги обојат шарено ноктињата на нозете и да ја озборуваат третата пријателка која сè поретко ја гледаат. Педикирот е начин да го зачувате здравјето на стапалата и да не изгледате како Beast од X-Men. Само размислете колку пати стапалата ви се испотени, исушени, рапави, испукани, смрдливи, а ноктите на нозете предолги или прекратко исечени. Оние кои имале криво зараснат нокт, знаат колкав проблем е и каков третман бара. 

Зошто ви е потребен педикир?

Бидејќи веројатно одамна не сте седнале да ги исчистите ноктите одоздолу, бидејќи ретко кога сте земале турпија за да ја отстраните мртвата кожа, а крем за нега не сте ставиле… никогаш. 

Што да очекувате од првиот педикир?

Закажувате треман, пристигате во договореното време, ги кревате ногавиците од панталоните, ги соблекувате чевлите и чорапите, седнувате на стол (за масажа) и ги ставате нозете во сад за педикир со топла вода. 

Во наредните триесетина минути до еден час ноктите ќе ви бидат соодветно исечени и обликувани, сета нечистотија меѓу прстите и под ноктите ќе биде отстранета, тврдата кожа на петиците ќе биде отстранета до степен на мекост кој не сте знаеле дека го поседувате, ќе ви биде нанесен лосион или гел за нега. 

Зошто е добро да одвоите време за педикир?

Бидејќи ноктите ќе ви бидат соодветно потсечени и ќе растат на правилен начин, без да предизвикуваат проблеми. Бидејќи ќе се ослободите од тврдата сува кожа на петиците со која можевте да се заколете на спиење. Ова резултира и со помалку непријатен мирис на стапалата бидејќи нема да постои тврдата кожа која е лежиште за габични инфекции и бактерии. И педикирот ја подобрува циркулацијата.