Ернест Хемингвеј – писател кој брутално искрено крварел врз машината за пишување и несомнено алфа мажјак на своето време, за првпат се среќава со ловот на возраст од околу 2 години, во раката, невообичаено за дете на негова возраст, држи Markham King рафалана воздушна пушка која во тоа време се продавала за неверојатен 1 долар.

Во архивата слики на Хемигвеј, се наоѓа токму оваа слика, на чија заднина неговата мајка напишала „Еренест научи да пука кога имаше 2 ипол години, а веќе на четири можеше да ракува со пиштол.“ Љубовта кон ловот и оружјето ги наследил од својот татко.

Доколку сте ги читале делата на Ернест, сигурно знаете дека пасијата кон оружјето е застапена и низ неговите големи дела чиј мотив биле секогаш вистински настани инспирирани од личните авантури низ Северна Америка, Куба, Европа и Источна Африка.

Оружјето секогаш игра важна улога во неговите приказни, без разлика дали станува збор за сафари во Африка, или измислени герила војници од Шпанската граѓанска војна, тој не пропушта да даде детален опис и спецификација на оружјето кое го претставува.

ХемингвејХемингвеј го сакал оружјето и ловот, но ако нескротливиот карактер и алфа пристапот кон животот се отсликува низ приказните, ако погледнете во неговата колекција на оружје ќе забележите еден друг дел од Хемингвеј. Секој љубител на оружје знае дека изборот на оружје кажува многу за личноста која го поседува. Нешто како изборот на автомобил или животен партнер. А оружјето на Хемингвеј претставува значаен дел од сложувалката на големиот мајстор.

Општо познато е дека Ернест бил воден од потребата да биде најдобар во тоа што го прави. Тежнеел да биде експерт за работите кои го интересирале и кои уживал да ги прави, па не е ни чудо што во неговата колекција се наоѓа исклучителен избор на оружје.

Иако бил перверзно богат и можел да си дозволи ексклузивни и скапи оружја, направени од ретки материјали и наменети за колекционери, тој воопшто немал интерес кон истите. Секогаш тежнеел да најде високо квалитетни и функционални пушки и пиштоли кои не секогаш имале висока цена.

Одбирал онакви кои совршено добро му лежеле на рака и кои можеле да ја завршат работата за која ги одбира. Знаел умешно да ракува со истите и точно знаел да процени и да го добие она што го бара. Бил страстен ловџија кој неретко знаел да се повреди при лов. Таргет му биле диви животни, птици, а некогаш за забава знаел да лови скорпии.

 

Повеќе од дваесетина парчиња оружје поминале токму низ неговите раце од Westley Richards 557 Nitro Express до Thompson полуавтоматски пиштол, омилените Winchesters модел 12 и 21, Browning, Beretta и Merkel, потоа, W &C Scott &Son воздушни пушки, различни видови Colt Woodsman пиштоли, познатиот Mannlicher – Schoenauers кој го купил за себе и својата трета сопруга и секако Springfield 30-06.

Сепак, имал три омилени Winchesters модел 12,потоа Springfield 30-06 – пушка која ја купил во 1930 година и која била лично направена по негово барање. Ја користел до крајот на својот живот, често одел на лов со неа и претставува парче оружје кое најтесно се врзува со него.

И секако, Woodsman 22 автоматски пиштол, од кои имал 4 различни модели кои ги користел некаде до крајот на 1950 година, кога последните два примероци ги подарил на свои добри пријатели. Додека бил на сафари во Африка, овој малечок пиштол го користел за забава, ловејки скорпии.

2 јули 1961 година, денот кој Хемингвеј одлучува да си го одземе животот. Секако, честа ја имала една од омилените пушки W &C Scott. Тоа не било момент на лудост или очај, едноставно одлучил да го прекине животот, тенденциозно избран начин кој става круна на неговиот јавен живот и креацијата на легенда.

Денес, дел од оружјето на Хемингвеј се наоѓа во сопственост на приватни колекционери, а некои од нив често се среќаваат и на аукции. Останатите „изгубени“ се наоѓаат во Куба, во музејот посветен на Хемингвеј, кој своевремено бил негов дом.

Пишува:Лилит

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.