Фудбалот е спорт во кој се вртат најмногу пари, а модерниот фудбал зема сериозен замав во последните неколку години, каде цените вртоглаво се вивнаа кон небото, без разлика дали станува збор за трансферите, платите, или дури и сезонските и обичните влезници за навивачите кои одат на стадионите, како и дресовите кои се продаваат од најпознатите фудбалери.

Доказ за тоа дека фудбалот е далеку најбогатиот спорт во Европа е и фактот дека Кристијано Роналдо стана првиот фудбалер и спортист кој се занимава со екипен спорт, кој станал милијардер.

Но, тоа е што е. Огромни суми се влеваат во фудбалот секојдневно. Ниту пандемијата на коронавирусот и финансиската криза не претставуваат пречка најважната споредна работа на светот, која стана индустрија за себе. И додека пред неколку години десетици милиони евра беа рекордни суми за трансфери на фудбалери, клубовите изминативе неколку години не се штедеа да рушат секојдневно трансфер рекорди и да издвојуваат и над стотина милиони евра за еден играч.

Секоја година бројките растат, но она што е интересно е што некои од историски најкорисните и се уште најплатени играчи, не значи дека автоматски се и највредни. Според швајцарската организација CIES Football Observatory, која ги пресметува вредностите на фудбалерите и клубовите годишно, Лионел Меси како најдобар фудбалер на светот е дури на 21-то место како највреден играч нас ветот, додека неговиот ривал Кристијано Роналдо е далеку, далеку позади, дури на 70-то место.

„Со само една година преостаната од договорот со Барселона и фактот што има 33 години, Меси се најде на 21 место со потенцијална вредност на трансфер од 100.100.000 евра. Кристијано Роналдо е проценет на 62.800.000 и тој како најстар на оваа ранг листа го зазема 70 место“, стои во образложението на CIES.

Наместо нив, на врвот се најдоа некои од најголемите таленти на денешницата, кои со својата вредност ги пробиваат сите разумни граници, иако се многу, многу далеку од квалитетите, талентите и достигнувањата на Роналдо и Меси, веројатно се исклучок на еден или двајца за кои се очекува да ги достигнат, па дури и да ги надминат.

Во секој случај, во прилог се 10-те највредни фудбалери за изминатата година.

1. Килијан Мбапе (PSG, 21 година) – 259.2 милиони евра

2. Рахим Стерлинг (Manchester City, 25 години) – 194.7 милиони евра

3. Џејдон Санчо (Borussia Dortmund, 20 години) – 179.1 милиони евра

4. Трент Александер – Арнолд (Liverpool, 21 година) – 171.1 милиони евра

5. Маркус Рашфорд (Manchester United, 22 години) – 152.3 милиони евра

6. Мохамед Салах (Liverpool, 27 години) – 144.9 милиони евра

7. Садио Мане (Liverpool, 28 години) – 139.2 милиони евра

8. Антоан Гризман (Barcelona, 29 години) – 136.4 милиони евра

9. Алфонсо Дејвис (Bayern Munchen, 19 години) – 133.5 милиони евра

10. Хари Кејн (Tottenham, 26 години) – 118,7 милиони евра.