Со отворањето на новиот објект на стационарот за кучиња, ЈП „Лајка“ ќе служи за хумано решавање на проблемот со кучињата скитници. Новиот стационар на ЈП „Лајка“ ќе служи за хумано решавање на проблемот со кучињата скитници, како и намалување на нивниот број на скопските улици.
Скопје имаше децениски проблем со кучињата скитници, а градскиот татко вети дека тој проблем ќе биде решен. Токму затоа е формирано Јавното претпријатие „Лајка“, кое сега доби свој стационар. Скопје е меѓу ретките градови кои имаат специјално претпријатие за оваа намена, а се со цел посветеност на проблемот.
„Официјално го пуштаме во употреба новиот стационар за бездомни кучиња на ЈП „Лајка“. „Лајка“ не е само објект, тоа е еден сосема поинаков концепт во третманот на бездомните животни. Желбата беше целосно да го смениме концептот и ова сега е само почеток на тоа и официјален крај на „Вардариште“. Капацитетот на објектот е некаде околу 100 кучиња со убедливо најдобрите стандарди во оваа област. Целиот објект е со подно греење со цел на животните да им обезбедиме комоција. Секој дел е засебен, тргнати се прифатилиштето и тргнато е приемното одделение. Се надевам дека „Лајка“ ќе стане центар за вдомување на кучиња и еден многу повнимателен и поодговорен однос со овие животни. Мое лично убедување е дека е време човекот да му врати на неговиот најдобар пријател“, изјави градоначалникот Шилегов.
Новиот концепт за третман на кучињата скитници не значи само ново ЈП и нов објект. Напротив, тоа значи воспоставување на систем на контрола на нивната популација која ќе подразбира вклучување на повеќе општествени чинители. Популацијата на бездомни кучиња не може успешно да се контролира само со нивно заловување и сместување во стационар додека не им се најде нов дом. Новиот концепт ќе подразбира чипирање и на овие кучиња, но и систем на контрола на чипирањето на домашните миленици. Секако, тука е и зголемувањето на бројот на санкциите за неодговорните сопственици заради кои најчесто овие животни завршуваат на улица.