Најморничавите места кои веројатно никогаш не треба да ги посетите, ниту куклите, ниту коските, ниту скулптурите веќе нема да ви изгледаат исто по оваа прошетка.

Ако како дете сте ги обожувале оние приказни во темнина, за починатата девојка која талка на патот покрај гробиштата, тогаш веројатноста дека и како возрасен маж сте ја задржале таа детска љубопитност е голема. Таквите приказни се резултат на митови и легенди, нечија бујна фантазија која ја храни нашата бујна фантазија и ни го поткрева адреналинот, што повремено и не е така лоша работа.

Ширум светот постојат многу места кои можат да си дозволат да дишат во ритамот на некоја таква мистериозна и таинствена приказна. Корените најчесто им се закопани во културата, а покриени се со слоевити јоргани на језиви елементи кои ќе ви ја наежат кожата на грбот.

Од застрашувачки скулптури преку висечки кукли, ова се неколкуте места ширум светот кои ги оживуваат и најголемите кошмари.

Најморничавите местаОСТРОВОТ НА КУКЛИТЕ – Isla de las Muñecas, Мексико

Островот на куклите, на шпански наречен Isla de las Muñecas, се наоѓа во јужниот дел од Мексико Сити, прегрнат од водите на каналот Сочимиљко. За жал никогаш неговата намена не требало да биде туристичка. Иако околината на островот е населена со илјадници жители, на островот не живее скоро никој.

Тој е дом на стотина застрашувачки кукли. Некои цели, некои само глави, а некои обезглавени стојат обесени ширум напуштениот остров. Легендата вели дека пред многу години, во водите околу островот е пронајдено удавено девојче кое починало под мистериозни околности и дека куклите се опседнати со нејзиниот дух.

Според локалната легенда, куклите ги движат своите глави и раце, па дури и ги отвораат очите, а некои сведоци тврдат дека слушнале шепотење меѓу куклите. Некои велат дека вистината лежи во осаменоста на еден човек по име Хулијан Сантана Барера чија должност била да се грижи за островот.

Хулијан тврди дека еден ден го пронашол безживотното тело на девојченцето на брегот на островот, а неколку дена подоцна во водата пронашол и кукла за која верувал дека е на девојчето. Куклата ја закачил на едно од дрвјата во знак на почит. Сепак, постојат и такви кои се сомневаат воопшто во постоењето на какво било девојче.

Сметаат дека Хулијан го измислил девојчето како резултат на неговата осаменост. Опседнувајќи се со девојчето, почнал да закачува сè поголем број кукли. Во 2001 бил пронајден мртов на истото место на кое тврдел дека го нашол девојчето, а оттогаш островот станува туристичка атракција.

Најморничавите местаСЕЛОТО НА ПЛАШИЛАТА – Valley of the Dolls, Јапонија

Кога сме веќе кај куклите, кои колку што можат да бидат симпатични како детска играчка, претставуваат и совршен хорор елемент, пристигнуваме во Нагоро, мало село во Јапонија, сместено во долината на Шикоку. Сите негови жители заминале од селото во потрага по работа, а некои од нив изумреле.

Пред 11 години, Цукими Ајано се вратила во родното Нагоро, па соочувајќи се со екстремна осаменост, го населила селото со кукли во вистинска големина, секоја од нив претставувајќи поранешен жител на селото.

Околу 400 кукли во вистинска големина денес ќе сретнете ширум целото село. Локалното училиште е исполнето со десетина кукли кои трпеливо чекаат да започне часот. Некои седат на клупа, некои работат во полињата или ловат риба. Сите зјапаат во вас.

Ајано ја добила идејата правејќи ја првата кукла која личела на нејзиниот татко. Па така набргу ги направила сите членови на своето семејство, а за десет години и целото село.

Најморничавите местаЦРКВАТА НА КОСКИТЕ – Kostnice v Sedlci, Чешка

Црквата на коските е веројатно една од најневообичаените цркви кои некогаш ќе ги видите во животот. Однадвор не е ништо спектакуларно, станува збор за мала римокатоличка капела, сместена во Кутна Хора во Република Чешка.

Она што е неверојатно е нејзиниот ентериер, внатре ќе најдете скелети од 40.000 до 70.00 луѓе, чии коски на овој или оној начин се аранжирани како декорации и мебел. Станува збор за една од најпосетените туристички дестинации во Чешка со преку 200 илјади посетители годишно.

Огромен лустер од коски го краси сводот на црквата со барем по една коска од целото човеково тело, а останати декорации можат да се најдат на површината на целата црква.

ГРАДИНАТА НА СКЛУПТУРИТЕ – Veijo Rönkkönen, Финска

Финците можеби не се до толку застрашувачки како останатите, бидејќи немаат кукли или коски, но затоа имаат градина полна скулптури. И тоа не онакви уметнички и правопропорционални кои ве воодушевуваат и инспирираат.

Секако, тука може да ве воодушеви посветеноста и капацитетот на уметникот Веијо Ренкакинен, кој изработил 550 бетонски човекови скулптури сместени среде шума. Чувството дека постојано некој ве набљудува и осудува е повеќе од присутно.

Чудниот парк на Ренкакинен се наоѓа во Парикала, Финска, а уметникот го работел цели 50 години, до својата смрт во 2010 година. Најголемиот дел од скулптурите се човечки и извршуваат некакви активности, како изведување јога позиции. Нечовековите фигури се претежно дрвја со конусни гранки.

ПАЗАРОТ НА ВУДУ МАГИЈАТА – Marche des Feticheurs, Того

Подрачјето Акодесава се наоѓа во градот Ломе, во Того и самото по себе не е многу специфично, освен тоа што претставува дом на најголемиот вуду пазар во светот. Ако мислевте дека вуду магијата потекнува од Њу Орлеанс или Хаити, гадно сте се излажале.

На западот на Африка, токму во Ломе, се наоѓа Marche des Feticheurs, најголемиот вуду пазар во светот. Дефинитивно не е наменет за оние со слабо срце или стомак, бидејќи тука ќе најдете глави од мајмуни, черепи, мртви птици, крокодили, кожи и останати производи од мртви животни.