Бројот на лица со проблеми со менталното здравје континуирано расте. Според последните истражувања, 44%од мажите имаат анксиозност предизвикана од работата.
Од директори на компании, преку извршни директори, па до обични работници, магазинот Men’s Health UK, направи истражување со 1200 мажи. Поттикнати од растечките бројки на проблематиките со менталното здравје,почувствувале потреба да насликаат појасна слика за менталното здравје и како работата влијае врз него.
Она што го заклучиле, е дека без разлика на тоа што секој еден од нас има различна функција, позиција, ниво и спектар на обврски кои си ги носи местото, неверојатно сме слични и обединети кога станува збор за менталното здравје.
Како резултат на ова, околу половина од испитаниците страдаат од некаков ментален здравствен проблем предизвикан од работата.
Зошто е тоа така? Незадоволство од работата, долги работни саати, невреднување на работата и работникот, недостижни таргети. И додека дел од проблемот е решен со самото идентификување, останува останатиот дел. Кому да се обратите кога сте незадоволен, нервозен, исфрустриран од работата и тоа влијае врз вашето ментално здравје? Истражувањето покажува дека од испитаниците кои некогаш земале слободен ден поради ментален проблем (стрес, премореност, анксиозност), само половина биле искрени за причината за слободниот ден со својот претпоставен. А причината која најчесто ја наведуваат за неискреноста е срамот.
Ако бројките во Обединетото кралство се зголемени до овој степен, може само да се претпостави колкав изнесува бројот на лица кои се незадоволни од својата работа и како резултат на истата имаат некаков ментален проблем, а живеат во земјава, регионов. На незадоволството од работата, долгите работни саати, невреднувањето на работата и работникот и недостижните таргети и барања, додадете ја недоволно платената работна сила/капацитет и условите за работа.
Факт е дека терминот балансирање меѓу работата и животот е погрешно интерпретиран. Работата е дел од животот. Огромен дел, кој не треба да се толерира ако не причинува задоволство, среќа и социјална поврзаност. Во најмала рака, не треба да штети, особено не по здравјето.