Комбинацијава да им ја предложевте на господата од ‘50тите, сигурно ќе наидевте на силно негодување и подбив. Денес, ова дуо е симбол на бунтовноста, слободата и секако ѓаволски неодоливиот и толку многу зборуван ноншалантен стил.

И како не би бил кога истиот лично и персонално го практикува миленикот на жените Дејвид Бекам, а покрај него се наоѓаат Кевин Дурант, Бредли Купер и Вил Смит. Но, не мора да бидете холивудски заводник или спортски шармер за да можете да ја носите оваа неконвенционална комбинација. Секако има некои правила и прописи по кои треба да се водите, а основата е во – бојата, материјал и силуета.

одело и патики

Доколку чувствувате дека е време да си поиграте со стилот и да излезете од зоната на комфорот, а воедно да бидете истовремено средени за на работно место, шанк па дури и на модна недела, оделото рака под рака со патиките, ќе ви дојде нешто како џокер во ракав. А кога еднаш ќе ја пробате, ќе сфатите дека комбинацијава е толку совршено кохерентна, небаре спојувате виски со добра кубанска пура.

Кројот и должината е важна

Најосновното правило во спарување на одело и патики се крие во изборот на панталони, секогаш гледајте должината да е до глужд, така совршено добро ќе дојдат патиките до израз, а должината нема да делува неумешно. Кројот на оделото е многу важен, гледајте истиот да е slim fit, бидејќи пошироките модели дефинитивно ќе ви ја изместат силуетата.

Одело и патики

Спротивностите се привлекуваат

Иако похрабрите можеби ќе сакаат да си играат со бои, сепак држете се до темно одело и бели патики, или можеби чекор повеќе карирано? Другата варијанта е еднобојно одело со дезенирани патики, Valentino во своите колекции тоа го прават маестрално. Како и да е, доколку не сте сигурни во однос на комбинирање бои, со белата патика нема никогаш да згрешите, а дефинитивно ќе изгледа како да знаете што правите.

одело и патики

Маици, кошули и додатоци

Бела кошула за поформални моменти, а за кежуал комбинација секогаш се добредојдени црни, бели и маици со принт. Што се однесува на додатоците, спортски часовник, кожена нараквица или шарени чорапи. Се зависи од тоа како се чувствувате во моментот, но држете се подалеку од вратоврските!

 

Пишува: Т. Крстевска

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.