Со годишна изложба на учениците и дела од професорите, модна ревија и настап на групата Day off next generation, средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ одбележи 75 години од своето основање.
Ученичките творби, одличната модна ревија на ученички креации од одделот дизајн на текстил, под раководство на професорката Лира Грабул и надворешниот соработник Раде Василев беа искажување на дело за успешните професорски напори на негување на талентот и успешно одржување на традицијата на училиштето.
Задоволството од сработеното беше видливо и кај учениците и кај професорите но и кај бројната публика која пројави видлив интерес за овој настан. Журката која потоа следеше беше извонредно заокружување на егзалтираната а сепак релаксирана атмосфера на овој настан.
Одлуката за основање на училиштето „Лазар Личеноски“ е донесена на 1 декември 1944 година кога е донесено и решение за назначување на Никола Мартиноски за директор на школата. Иницијативата за основање уметничка школа во Македонија ја покренале ликовни творци од афирмираната генерација по Втората светска војна. Президиумот на АСНОМ го прифатил предлогот за основање Државна художествена школа во Скопје со два отсека: художествен и учителски.
„Со донесувањето на одлуката, на 1 декември 1944 година беше донесено решение за назначување на Никола Мартиноски за директор на школата. За предавачи беа назначени: Лазар Личеноски, Борко Лазески, Димитар Тодоровски, Василие Поповиќ-Цицо, Тома Владимирски и Здравко Блажев. Президиумот на АСНОМ одлучи со отворањето на школата истовремено да отпочне и курс за оспособување на привремени наставници за цртање и калиграфија, потребни за основните училишта и гимназиите“, пишува во историјатот за школото.
„Кога одново дојдов во допир со мојот роден крај, кога возбуден застанав пред на нашиот полн со бои македонски пејзаж, кога сериозно се загледав во нашето средновековно сликарство и во нашиот богат фолклор, тогаш мојот уметнички свет стана Македонијa“, се зборовите на доајенот Личеноски, основоположник на македонското современо сликарство.
Приемните испити за првата генерација се одржале од 1 до 4 февруари 1945 година, а редовната настава почнала веќе на 5 февруари, во салата и читалниците на градската библиотека и во просториите на тогашното основно училиште „Гоце Делчев“ во непосредна близина на Друштвото на писателите на Македонија. Ова училиште се урнало при скопскиот земјотрес во 1963 година.
На крајот од првата учебна година во месец јуни завршиле 20 ученици на двата отсека на школата, од кои 12 посетители на курсот.