Тоа што се Јенки за бејзболот, Вардар за ракометот, а Чикаго Булс за кошарката, кога станува збор за рагбито на пиедесталот се наоѓаат All Blacks, рагби тимот на Нов Зеланд. Надвор од својата спортска умешност и импресивната листа на неприкосновени победи, она што ги прави посебни е воодушевувачкиот и по малку засташувачки ритуал пред секој натпревар – хака танцот.
И ако сте навикнати мирно да стоите додека свири химната на вашиот омилен спортски тим пред почетокот на натреварот, замислете го следново – 15 силни и апсолутно мажествени рагбисти(нешто налик на Викинзите или екипата на Кал Дрого од Игра на тронови, скоцкани во соодветни црни дресови) изведуваат моќен, страшен, но нималку насилен примитивен танц чија примарна цел уште при неговото создавање била да го заплаши противникот. Наместо тоа, денес, предизвикува навивачка еуфорија и огромен аплауз од публиката, не само од навивачката страна туку и од страната на противникот.
Но, за да ја разбереме философијата на хака танцот, потребно е да направиме едно мало патување низ времето – поточно да прочепкаме низ митовите и легендите на старото племе Маори. Оригиналното потекло на овој танц се поврзува со приказната за Tama nui te ra, односно Богот на сонцето и неговата жена Tane – rore, која низ сончев призрак во воздухот танцувала за својата мајка. Токму некои од движењата на овој танц што денес се практикува го симболизираат токму тоа.
Нешто подоцна, како една од најпознатите верзии на хака е церемонијата Ka Mate, која била создадена од племенскиот водич на Маорите Te Rauparaha. Од танц на соцето, се претвора во танц на војната. Тоа претставувало славење на триумфот на животот над смртта и ја симболиризало победата над непријателите, како и претставување на виталноста и племенскиот идентитет.
Пред секоја војна, се практикувал хака танцот со цел да се предизвика страв кај непријателот, да се повика Богот на војната, а воедно и да се демонстрира силата и подготвеноста на војниците. Се применувале варијации на движења на рацете и нозете, извици, како и гротескни гримаси – ширење на очите, исплазување јазик и фалење со разните оружја со кои војниците располагале.
Како хака танцот од племенска војна се претвора во спортски ритуал?
Некаде во 1905 година, како ритуал е преземен од националниот рагби тим на Нов Зеланд и инкорпориран како танц пред секој натпревар на All Blacks, како име под кое се натпреваруваат, под закрила на Џозеф Варбрик. Тогаш во тимот членувале само домородци, па идејата била да се одбрани идентитетот и културата.
Подоцна, иако тимот бил составен од различни раси, танцот останал како дел од традицијата на All Blacks. Денес, како ритуал е светски препознатлив, иако во определени спортски кругови се зборува дека истиот треба да се забрани поради како што велат тие „невкусно изгледа едната страна да изведува примитивни движења и неконтролирано да вика, додека другата страна збунето набљудува.“
Од друга страна, пак поддржувачите на хака танцот велат дека напротив, секој меч во кој настапуваат All Blacks, е еуфоричен, забавен и полн со енергија, а публиката со нетрпение чека да сведочи на неконвенционалниот спортски ритуал. За рагбистите пак, хака танцот претставува начин на градење силна меѓусебна врска, но и врска со публиката, чија реакција на танцот им дава уште поголем ентузијазам и возбуда во натпреварот.
Имајќи го предвид фактот што All Blacks имаат над 76% победа која ги прави едни од најтешките тимови за победа, ништо чудно ритуалот да има огромна психичка компонента која давајќи им чувство на непобедливост ги прави навистина непобедливи.
Хака танцот во политиката и културата
Иако е препознатлив како спортски спектакл, сепак хака танцот своето место го наоѓа и во надворешната политика, имено, многу често дипломатите од Нов Зеланд се придружувани од танцова трупа која на дипломатски настани го изведува овој танц како знак на национална гордост. Исто така, при посета на странски делегации, претседатели, премиери, па дури и кралски семејства се пречекуваат во Нов Зеланд токму со хака танцот.
За време на војната во Авганистан, се извел хака танц од страна на војниците во чест на загинатите соборци. Исто така во 2018 година на премиерата на Aquaman, актерот Џејсон Момоа, на црвениот тепих го изведе токму хака танцот.
Што воопшто значат зборовите во хака танцот?
Постојат две верзии на хака текст, едниот кој е традиционален и се користел од 1888 до 2006, и нов направен специјално за тимот, кој се користи од 2006 наваму.
Let me go back to my first gasp of breath
Let my life force return to the earth
It is New Zealand that thunders now
And it is my time!
It is my moment!
The passion ignites!
This defines us as the All Blacks
And it is my time!
It is my moment!
The anticipation explodes!
Feel the power
Our dominance rises
Our supremacy emerges
To be placed on high
Silver fern!
All Blacks!
Silver fern!
All Blacks!
aue hi!
пишува: Лилит
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.