„Определбата да се работи во модниот свет, подразбира да се биде истраен, упорен, жилав, со многу посветеност и енергија, со цврст став, за да се плива низ не секогаш мирните води.“

Со изглед на порцеланска кукла, грациозност во движењата, мекост во гласот и аура која привлекува има некаква мистична префинетост со која Росица Мршиќ ве освојува на прва. Исто како и облеката која ја создава.

Студиозна, исполнителна и прецизна во работата, зад нејзината смиреност се крие креативен вулкан од кој произлегуваат успешни модни креации со силен дизајнерски печат и изразена автентичност.

Taa e исклучително талентирана, автентична и уникатна во својот дизајнерски ракопис, но и прецизна и исполнителна во својата работа. Студиозно градејќи го својот бренд веќе десетина години, нејзиниот дизајнерски израз е развивање на една приказна која трае, раскажана преку колекции кои се надоврзуваат една на друга.

ММАГАЗИН: Можеше ли воопшто да се избегне модата како судбинска определба?

Не. Од внатрешниот драјв за создавање не се бега. Интересот за создавање форми/ облека успеав да го обликувам во моја професија и во мој свет на делување.

ММАГАЗИН: Колку поддршката од семејството имаше улога во Вашиот професионален раст?

Подршката од семејството е најважна и игра голема улога како во почетоците на професионалната определба, така и подоцна. Големиот број на обврски што се вклучени во креативните работи на малите бизниси бараат вклучување на членови од семејството во некои фази на реализацијата на крајниот производ и на неговата промоција и продажба.

Росица МршиќММАГАЗИН: Колку е интелектуализмот, односно широкиот поглед на свет важен за креативниот процес на еден моден дизајнер?

Восприемањето на надворешниот свет со длабочината на сите чувства, но и мисловната и емотивна внатрешност се неопходни за секој креативен процес.

Најчесто, креативниот процес е поврзан со постојано надополнување на знаењето кое помага со нови обиди да се поместуваат границите кон повисоко ниво на постигнувања.

ММАГАЗИН: Вечното прашање за инспирацијата-се раѓа како импулс или како контенплација?

Инспирацијата се црпи од секојдневието и од личниот интерес и фокус. Мешавина од импулс, љубопитност, будно око и контенплација за да се создаде нова форма ќе биде естетски оправдана, ќе носи идеја и ќе зборува со сопствениот јазик.

ММАГАЗИН: Вашите дизајни ги носите совршено. Се препознаваат вашите дизајни во Вас или пак Вие во нив?

Сопствените дизајни – колекции ги создавам како личен одговор на моите строги и високо естетски потреби, но со потреба да допрат до сите вистински модни љубителки. Целосно уживам во носењето на моите парчиња, но исто така сум исполнета и среќна кога ги гледам на други жени, како и на моите клиенти.

ММАГАЗИН: Колку како иманентен естет сте зависни од убавината?

Ја гледам, чувствувам, доживувам и ја барам убавината. Но, не секогаш во совршената смисла. Ме интригира да ја откривам и осознавам и таму каде навидум ја нема на површината. Убавината е во различноста, во своето, во неговата едноставност и чистина.

Росица МршиќММАГАЗИН: Ако се суди според досегашните теми на колекциите се чини дека уметноста има значајно место во вашето секојдневие. Што останато ги полни вашите животни мигови?

Иако модната професија е професија која е тесно поврзана и со приватниот живот, и најчесто слободното време се користи за лична надоградба и истражувања, тоа што најмногу ме исполнува се дружбите со семејството и пријателите, патувањата и долгите прошетки во природа.

ММАГАЗИН: Како една кревка природа се справува со суровиот свет на модата?

Определбата да се работи во модниот свет, подразбира да се биде истраен, упорен, жилав, со многу посветеност и енергија, со цврст став, за да се плива низ не секогаш мирните води.

ММАГАЗИН: Ова се времиња на искушенија за светот, уште повеќе за оние кој творат во модата, како Вие се справувате со тоа?

Секое време има свое искушение. Искушенијата се предизвик за делување и создавање нова енергија.

ММАГАЗИН: Кои се нештата без кои не би можеле да си го замислите животот?

Сè она што е важен дел од мојот живот- позитивниот став, љубовта кон создавањето, креативните предизвици и создавањето модни колекции.

ММАГАЗИН: Во што ја пронаоѓате Вашата среќа?

Во мали и секојдневни работи и случувања. Тоа што ме исполнува со радост, како и повремени патувања во други земји каде ја дополнувам позитивната енергија.