Реал Мадрид повторно ги поместува границите, дури и кога станува збор за архитектонските планови. Новиот стадион на „Кралскиот клуб“ ќе надмине се она што досега е видено од овој клуб и претставува почеток на една нова ера на најтрофејниот европски и светски клуб. „Сантијаго Бернабеу“ ќе биде најголемиот исчекор кога станува збор за финансиски, организационен, натпреварувачки, резултатски… Со новиот стадион ќе започне новата ера за Мадриѓаните и навивачите на овој клуб.

Шпанските медиуми, а особено навивачите на Реал Мадрид, речиси секојдневно ги следат работите на реновирањето на стадионот „Сантијаго Бернабеу“. Толкаво внимание јавноста посветува на овој градежен потфат, речиси како „Бланкосите“ да подготвуваат некоја „трансфер бомба“, како што беше случајот со Кристијано Роналдо.

Со изградбата на новиот „Бернабеу“, кој Реал Мадрид ќе го чини 800 милиони евра и ќе го отплаќа 30 години, клубот ќе добие финансиски адут каков што досега никогаш немал. Имено, новиот стадион на Реал според плановите ќе биде вистински „град во град“, а главен адут во целата приказна е што стадионот е во центарот на градот. Така, „Сантијаго Бернабеу“ ќе живее 24/7, благодарение на сите работи кои ќе ги поседува како трговски центар, кафетерии, ресторани, кина и секако голем фан шоп, со што клубот ќе има постојани приходи. Секако, и од продажбата на широкиот спектар сувенири, шпанскиот гигант стандардно ќе собира голем приход.

Последниве денови навивачите можат да видат и како течат работите внатре во стадионот каде секојдневно се ангажирани 700 работници, кои ќе бидат тука до летото 2022 година, кога, според плановите, се прогнозира да завршат работите и да се отвори новата грандиозна арена.