Мислењата за трите нови модела на iPhone се поделени, но новиот Apple Watch 4 доби само позитивни оцени. Apple ја претстави својата четврта генерација на паметни часовници, која е поголема од сите претходни, има нови опции кои се насочени на одржување на здравјето на корисниците, а тука е и новиот процесор.

Новиот Apple Watch веќе доби епитетот на мал ајфон.

Имено, во него е сместен процесор 64-bit dual-core S4 , кој е два пати побрз од оној кој беше составен дел од претходниот модел. Покрај тоа, батеријата е поголема и има капацитет на траење од 24 часа, без дополнително полнење.

Посебен новитет се новите функции кои се поврзани со здравјето. Имено, часовникот сега служи како портабл електро-кардиограм, зашто преку вградена електрода ги мери очукувањата на срцето.

Доволно е корисникот да го стави прстот на сензорот и доколку срцето работи нормално, на екранот се појавува сигнал кој изгледа како класичен ритам на срцето. Доколку нешто не е во ред, тој ќе сигнализира.

Притоа, резултатите од мерењата можат да се зачуваат и во Pdf-формат. Но тоа не е сè! Ако часовникот забележи дека сте паднале, автоматски ви дава опција да повикате брза помош. Доколку една минута по падот останете неподвижни, часовникот автоматски самиот се јавува на бројот на брза помош.

Часовникот ќе се продава по цена од 399 долари ( оној со GPS-опција, додека моделот со GPS и опција за користење како мобилен телефон, ќе чини 500 долари.