Ако првиот ден на Nordic Business Forum беше во знакот на иновации, вториот ден може да се пофали со тон инспирација. Меѓу говорниците кои оставија најголем впечаток беа Брене Браун, Алф Рен, Ренди Цукерберг, Клара Харис, Џорџ Клуни и многу други.
Клара Харис – Strategize to Win
Клара Харис, експерт од Morgan Stanley ја потенцираше автентичноста на секоја индивидуа која треба да биде искористена како компетитивна предност. Што се однесува до лидерите, како стратегија за победа во бизнис секторот ја истакна потребата, оние луѓе кои се на лидерски позиции, да бидат во голема мера преокупирани со креирање на други лидери околу себе. „Начинот да ја зголемите сопствената моќ е да ја споделите со другите“, истакна таа. Го потенцираше значењето на неуспехот, кој според неа со себе носи подарок во форма на искуство.
Ренди Цукерберг – Dot Complicated: What I Learned on the Front Lines of Social Media
Ренди Цукерберг е основач и извршен директор на Zuckerberg Media, чија цел на форумот беше да го пренесе своето искуство во бизнисот со социјални медиуми. Така, таа почна од своите скромни почетоци, а презентацијата ја отвори со технолошка верзија на една Дизниева песна. Цукерберг ја потенцираше вредноста на преземањето големи ризици во животот, на позицијата на жената во општеството, како мајка и активен член на бизнис заедницата, а честопати и како единственото женско во просторијата. Нејзиниот говор тера да размислувате за тоа како технологијата влијае врз нашите животи, но на позитивен начин.
Џорџ Клуни- A conversation on storytelling, branding and legacy
Можеби најочекуваниот гостин на форумот беше токму актерот Џорџ Клуни. Во негов шармантен и релаксиран стил, Клуни зборуваше за среќата изјавувајќи дека би била вистинско отфрлање на среќата кога не би се ни обидел да направи некаква разлика во својот живот. Клуни ја потенцираше важноста на активно слушање како алатка од која може најмногу да се научи. „Не можете да научите многу ако постојано само вие зборувате.“ Што се однесува до брендирањето, кое беше еден сегмент од неговиот говор, изјави дека не би требало еден човек да се смета за бренд, туку луѓето треба да стојат зад идеите во кои веруваат и да се залагаат за нешто.
Брене Браун- Dare to Lead
Брене Браун го затвори Nordic Business Forum оваа година. Таа е истражувачки професор на Универзитетот во Хјустон. Во своето излагање таа ја истакна ранливоста како категорија тесно поврзана со креативноста. Ранливоста на една бизнис средина подразбира тешки разговори кои често ги избегнуваме, конфликти од кои бегаме. Потребно е да се турнат границите на удобноста за да научиме нешто ново.
Подготвувајќи вистински спектакл на 9 и 10 октомври, организаторите на Nordic Business Forum успеаја да соберат на едно место повеќе од 7.500 извршни директори од целиот свет и повеќе од 10 илјади посетители. Меѓу останатите новости, најавени беа и гостите за Nordic Business Forum 2020 година меѓу кои спаѓаат и Арнолд Шварценегер, Индра Ноји, Брајан Халиган, Рита Меграт.